Десет години од формирањето на Австралиско македонскиот театар од Сиднеј

На 23 мај 2007 година се формира Австралиско македонскиот театар од Сиднеј кој за последните десет години постави на сцена 13 оргинални продукции.

Со своите продукции гостувал во повеќе градови во Австралија, успешно оствари две турнеи во Република Македонија каде учествуваше и на театарскиот фестивалот „Војдан Чернодрински” во Прилеп.
После само една година од формирањето, се стави на сцена драмата Страв и срам (2008), а потоа следеа драмите Мр Балкан (2010); Стари и весели (2011); Раскол (2012); Остави ја свеќата да гори (2012); Борење со мечка (2013); Ограда (2014); Доктор жими мајка (2015); монодрамата Ченто (2015); Куферот (2016); Баба се мажи (2016); монодрамата Неда (2016); Неочекувана забава (2017).
Театарот е добротворна општествена организација со цел да ја промовира драмската и театарската уметност. Главните цели на оваа организација се да ги зближи луѓето од македонско потекло кои се активни и креативни во сценски продукции, драма, театар, музика, филм, креативно пишување и играње; да ја промовира заедницата преку театарско, филмско и фестивалско творештво; да им помогне на интерпретатори, артисти, глумци посебно од помладата генерација со вклучување во оваа уметност.
За време од една деценија Театарот одигра важна улога во подобрување на културно-забавниот живот на Македонците во Австралија но исто така повеќето од драмите, поради темите поврзани со здравјето и семејството, се употребија за просветување на македонската заедница, посебно тука би ги одвоил драмите „Страв и срам”, „Стари и весели”, „Оставија свеќата да гори” и „Борење со мечка”.
Театарот, преку своите продукции успешно делува во промовирање на македонската култура и нација во Австралија. Истите се посетени од повеќе илјади Македонци од сите генерации како и од австралјанската публика. Делови од претставите како и целосни претстави се работени и на англиски јазик за пошироката публика. Театарот е награден во 2009 година од Министерството за здравје и Центарот за ментално здравје за успешното иноваторство во едуцирање на македонската заедница. Во 2015 година, од Мултикултурен НЈВ, Театарот ја доби престижната национална награда за култура и уметност за драмата „Ограда”. Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во 2015 год. на Театарот му додели Повелба за промовирање на македонската култура и нација.
Покрај тоа што Театарот повеќе пати е наградуван, самите артисти се имаат здобиено со повеќе награди. Драматургот Душан Ристевски е награден со посебна награда за театарско иноваторство од Министерството за здравје на Нов Јужен Велс за драмата Страв и срам. Премиерот на Нов Јужен Велс во 2015 год. го награди Душан Ристевски за неговата неизмерна работа во мултикултурната заедница посебно во театарската уметност.

Иван Трпоски

Останати вести