Концентрација на десничарскиот опозициски блок

И ВМРО-НП изгледа ќе оди на избори со десниот опозициски фронт, иако Љубчо Георгиевски наводно бил за самостоен настап а Ламбе Аранудов донел “пакет-понуда” од ВМРО-ДПМНЕ

Во неделата на седница на Извршниот комитет на ВМРО-Народна партија, пред членовите биле поставени три опции како да се настапи на претстојните предвремени парламентарни избори, каде биле дадени три опции.
Првата била гласање за самостоен настап, за која наводно гласале лидерот Љубчо Георгиевски и Љупчо Балковски. Втората, за настап на изборите со ВМРО-ДПМНЕ, ја поддржале тројца членови на ИК на чело со Ламбе Арнаудов, а за третата опција – приклучување кон централно-десничарскиот опозициски блок, гласале шестмина присутни членови на ова партиско тело.
По гласањето била донесена одлука ВМРО-НП на изборите да настапи во рамки на десничарскиот опозициски блок и била формирана тричлена комисија која треба да ги води преговорите за заеднички настап со партиите од тој блок. Деновиве ВМРО-НП треба да одржи и седница на Централниот комитет, на кој се очекува само да биде потврдена оваа одлука.
Во десниот опозициски блок наречен “Коалицијата за промени и правда” досега се наоѓаат Демократскиот сојуз, ФРОДЕМ, ДЕМОС и МОРО – Работничка партија. За заеднички настап на изборите на 11 декмври се очекува официјално уште да пристапат: ВМРО-НП, Обединети за Македонија и со Достоинство.

Ламбе Арнаудов: Имаме чесна понуда од Груевски

– Јас бев овластен преговарач од ВМРО-НП за договор со ВМРО-ДПМНЕ. Седнавме едни спроти други, секој со својата чест и грешки и постигнавме договор кој мислам дека е прифатлив за секој член на ВМРО-НП. Во изминативе 10 години сме имале проблеми од кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, но последниве години односите меѓу нас се затоплија. Кај секој член на ВМРО-НО има еден дел од срцето што чука и за ВМРО-ДПМНЕ, зашто сите потекнуваме оттаму, ја отвори душата Ламбе Арнаудов во интервју за “24 вести”.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ дало понуда за коалиција со ВМРО-НП во која биле вклучени повеќе директорски места кои, пак ќе овозможат вработување на членови на помалата партија.
– Ние сме познати како “спартанци”, ама и спартанците некогаш мора да јадат, заклучува Арнаудов.
Тој смета дека на крајот мнозинството во ВМРО-НП ќе се одлучи за изборите на 11 декември да влезат во коалицијата со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Останати вести