Девојката на Пино притворена – го гледала убиството и помогнала да се сокрие неговото тело

Пино (горе десно) и неговите убијци. Се уште никој не кажува што се случило со “шкодата“ на Пино, која од критичната вечер никој не знае каде е

Очекувам доживотна казна и ќе се борам за доживотна казна, истакна мајката на убиениот Пинета (Пино) Секондо, Маја Трпковска, која даде исказ во скопското Јавно обвинителство.

– И Ангела и тој што треба да го фатат, тие не треба да излезат од затвор, затоа што човечки ум, поготово на девојка од 22 години да убие свој другар и 6 месеци да си нема гајле, да си спие, да си шета, тоа е нечовек, монструм. Ми го убија детето, животни ми го распарчиле. Од мојот Пино има само 4 коски. Каде ќе им оди душата на убијците? – изјави мајката која не знае со сигурност, но се сомнева дека љубомора е причината, односно мотив за убиството.
Маја Трпковска долго водеше битка со институциите, организираше и протести, а сега рече дека правдата ќе ја бара до крај. Таа го обвини секторот во МВР одговорен за исчезнати лица за непрофесионалност и арогантен однос.
За потсетување, Министерството за внатрешни работи соопшти дека е поднесена кривична пријава за две лица, осомничени дека го убиле Пинета Секондо: Али Фуркан (27) и Ангела Ѓеоргиевска (22).
Пинета Секондо (26), дете од мешовит македонско-италијански брак, на 11 декември 2018 година од страна на неговата мајка бил пријавен за исчезнат. Како што сега се знае, тој веќе бил убиен. Полицијата просто чекаше да се појави некаков траг од него и го дочека.
На 29.04.2019 година од страна на граѓанин пријавено е дека на место викано Башинец, во атарот на село Љуботен, пронајден е човечки скелет покриен со камења. По преземени оперативно-тактички мерки дојдено е до сознание дека извршители се наведените лица.
Осомничениот Али, жител на Скопје, делото убиство го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, откако претходно се сретнал со сега починатиот во домот на девојката Ангела во Ѓорче Петров. Тие заедно со патничко моторно возило „опел аскона” пристигнале во атарот на село Арачиново во Скопје. Осомничениот таму со огнено оружје – пушка го застрелал Пино во пределот на главата. Од нанесените повреди Секондо веднаш починал. По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во село Љуботен, каде е оставено во дупка и покриено со ќебе. Осомничениот оттогаш се дал во бегство и се до моментов е недостапен за органите на прогонот.
Второпријавената Ангела Ѓеоргиевска е лишена од слобода во просториите на СВР Скопје. Таа дала придонес кон вршење на кривичното дело со тоа што го повикала сега починатото лице, била присутна во моментот на неговото лишување од живот и учествувала во пренесување на телото на починатиот и негово криење во близина на село Љуботен.
„Надлежниот јавен обвинител ценеше дека постојат околности што укажуваат на постоење опасност од бегство и на основан страв дека осомничената ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци, поради што до Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување на мерката 30 дена притвор против осомничената”, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Мајката со порака до родителите на осомничените: „Имате три дена да клекнете на колена пред мене”

Мајката на убиениот Пинета Секондо, Маја Трпковска, вели дека ќе ја бара правдата и дека не ги дели луѓето по вера, а на родителите на убијците на нејзиниот син им дада три дена да клекнат на колена и да ја замолат за прошка.
“Јас верувам во Господ и бидејќи добро ги познавам и православната и католичката и муслиманската вера, иако му го убија детето, јас им нудам на родителите на КРВОУБИЈЦИТЕ да ме контактираат и да ми клекнат на коленици и да се извинат за ЗЛОТО ШТО НИВНИТЕ ДЕЦА ГО НАПРАВИЛЕ ВРЗ МОЕТО ДЕТЕ НЕВИНО. Им давам 3 дена време после тоа ОКО за ОКО, ЗАБ за ЗАБ, КРВ за КРВ!!!!” – напиша Трпковска на фејсбук.

Останати вести