Дибиров не го напушта вториот дом – потпиша нов договор со Вардар!

Рускиот интернационалец, Тимур Дибиров, уште еднаш ја покажува својата љубов и лојалност кон Вардар, потпишувајќи нов договор кој уште најмалку една година ќе го задржи во црвено-црниот дрес.

Следната сезона ќе биде деветта за левото крило на скопскиот тим, со кој ги оствари најголемите успеси меѓу кои се двете титули европски шампион, како и четирите трофеи во СЕХА-лигата и по пет во домашното првенство и Купот на Македонија. Русинот е рекордер по бројот на настапи за Вардар во ЛШ, како и најдобар стрелец на тимот во најелитното европско натпреварување.
Со ова продолжува формирањето на црвено-црниот тим за следната сезона, во кој засега сигурно ќе има место за Филип Талески и крилото Гоце Георгиевски, а како нови засилувања досега се потврдени Едуардо Гурбиндо, Дарко Ѓукиќ, голманот Мартин Томовски, Анте Кудуз и Јан Чувара. Сигурно е и дека ќе има нов тренер, поради најавата дека Стевче Алушовски нема да го продолжи договорот.
Шпекулациите се дека на клупата на Вардар во следната сезона ќе седи миленикот на “Комити”, Веселин Вујовиќ.

Останати вести