Обединетата македонска дијаспора е против идејата на министерот за одбрана Зоран Јолевски за зголемување на македонското учество во мировните мисии на ОН.
Досега Македонија, според официјалната интернет страница на ОН во мировните мисии има еден војник, како војник на „поранешна југословенска Република Македонија”.
„Сè додека Македонија е именувана под оваа срамно име и сè додека Македонија не биде примена во НАТО и ЕУ, министерот Јолевски нема право да бара повеќе македонски војници да одат надвор од државата за да ги задоволуваат интересите на меѓународната заедница”, смета ОМД.
За ОМД заведувањето и класифицирањето на Република Македонија под буквата Т (The former …) е во најмала рака навредливо и тотално спортивно на заложбите на ОН за почит, соживот и толеранција меѓу народите.
„ОН веќе 20 години применуваат во светски рамки привремена меѓународна политика, спогодба која е срамна, понижувачка за македонскиот народ и држава, спогодба која е во целосна спротивност со заложбите и правните акти на ОН за почитување на правото на самоопределеност”, се вели во соопштението на ОМД.
Според ОМД непочитувањето на Грција, држава членка на ОН, на меѓународен правен акт во форма на пресуда на Меѓународниот суд на правдата и непреземањето никаква иницијатива базирана на меѓународна судска пресуда од ОН за разрешување на ова прашање, е целосно неправилно и нелегално.
„Македонија треба низ институциите на ОН да ја прекине срамната спогодба и да си го заземе заслуженото место како рамноправен меѓународен субјект, држава која е призната од повеќе од 135 членки од ОН под уставното име”, реагира ОМД на изјавите на министерот Јолевски.