Иако ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа по ова прашање, испадна дека се усвои токму предлогот на СДСМ – гласот во дијаспората да вреди колку и тој во РМ.
Па наместо триплирање или дури 20 пратеници од дијаспората, како што предлагаше премиерот Груевски, сега иселениците ќе го напуштат мнозинскиот модел и за еден пратеник ќе треба да обезбедат минумум гласови колку и за “најевтиното” пратеничко место во РМ. Барем еден пратеник од дијаспората е достижен. За повеќе пратеници ќе треба уште посилна агитација. Според пресметките, ако бидат двајца пратеници тогаш едниот ќе биде етнички Македонец, а вториот етнички Албанец. Ако, пак се случи да се изберат тројца, тогаш двајца ќе бидат етнички Македонци.
Македонската дијаспора ќе може да има свои претставници во македонското Собрание, според постигнатиот договор помеѓу четирите партии. ВМРО ДПМНЕ тврди дека успеало да го одбрани правото на дијаспората да гласа, меѓутоа решението е токму она кое досега јавно го криткуваа и Груевски и Димовски и Тодоров – дека било „перфидно”.
– Дијаспората ќе може да гласа на следните избори, на што инсистираше ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од дијаспората ќе се бираат на пропорционален модел, како и во Македонија. Тоа значи дека дијаспората наместо три ќе има една изборна единица во која ќе се бираат три пратеници со потребен минимум на гласови колку што е и во Македонија, некаде над 6000 гласови за еден пратеник. Партиите во дијаспората ќе истакнуваат по тројца кандидати на една листа – изјави Илија Димовски од владејачката партија.