Македонците во дијаспората ќе ја гледаат Македонската телевизија само на Интернет.
За да заштеди пари, Македонската радио-телевизија реши повеќе програмата да не ја пренесува преку сателит туку само преку Интернет. Веќе два месеца, во европските земји програмата на МТВ не се емитува преку сателит. Нема телевизиски сигнал ниту на приватните телевизии чија програма се пренесува во дијаспората. Од ноември телевизиски сигнал ќе нема ниту во Америка и Австралија.
„Имам 75 години и не користам Интернет. Сега повеќе нема да можам да гледам македонска телевизија. Со години го купувавме сателитскиот канал на МТВ во Словенија и можевме да следиме македонска програма. Ќе заборавам да зборувам македонски”, вели 75 годишниот В.А., Македонец кој 50 години живее во Марибор, Словенија.
Од Македонската радио-телевизија велат дека одлучиле програмата веќе да не се пренесува на сателит за да заштедат пари.
„Договорот за пренесување на МТВ и сателитските канали на приватните телевизии со Европа истече пред 2 месеца, а со Америка и Австралија истекува во ноември. Одлучивме да не ги продолжиме договорите за да заштедиме пари. За три години, со оваа мерка ќе се заштедат 5 милиони евра. Македонските канали нашите иселеници ќе можат да ги гледаат и понатаму, но преку Интернет. За да се олесни пристапот до нашата програма, подготвуваме Интернет апликации, за да може да се гледаат македонските канали на смарт телевизори”, вели директорот на МРТВ Марјан Цветковски.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги велат дека МТВ со ваквата одлука не го крши Законот.
„Во Законот за аудио и аудиовизуелни комуникации стои дека програмата на јавниот сервис во дијаспората може да се пренесува или преку сателит или преку Интернет. Бидејќи во иднина ќе има пренос преку интернет, не се крши Законот, и нема простор за наша интервенција”, вели Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
А. Антевска