Парите што ги праќаат иселениците се повеќе од тие што државата ги одвојува за социјална помош и повеќе од странските директни инвестиции кои влегуваат во Македонија, а луѓето најмногу ги трошат за секојдневните потреби. Таа сума според некои процени се движи од $ 600 милионa до $ 2.2 милијарди.
„Ако не се тие пари, нема да имаме за живот”. Ова беше првата реакција на еден дебарчанец кога го прашавме за тоа дали им праќаат пари нивните роднини кои се во странство.
„Нашите браќа и сестри помагаат. Ако не е таа помош тогаш тешко се опстанува” вели Дритан Леши чии најблиски роднини живеат со години во Соединетите Американски Држави.
Парите што ги праќаат иселениците се повеќе од парите што државата ги одвојува за социјална помош и повеќе од странските директни инвестиции кои влегуваат во Македонија, а луѓето најмногу ги трошат за секојдневните потреби.
Конзервативните проценки кои се базирани врз анкетни истражувања покажуваат дека парите од иселениците изнесуваат околу 4% од бруто домашниот производ, вели професорот Марјан Петрески од Американ Колеџ во Скопје.
Таа сума, ако се оди според тие кознервативни процени поради потценувањето, на како што вели професорот, вистинските вредности воопшто не е мала и изнесува околу $ 600 милиона годишно – пари од иселениците кои се слеваат кај нивните роднини во Македонија.
„Тоа е еден многу голем износ што нашата економија го добива без да прави каква било каква контра-услуга и се уште е повисока од износот што Македонија го добива како странски директни инвестиции. Така што навистина станува збор за големи пари што се влеваат во македонската економија”, вели Петрески.
Сумата од $ 600 милиона годишно што ја споменува професорот всушност се пари кои иселениците ги праќааат по официјални канали, односно преку банки и фирми за трансфер на пари. Ако се соберат тие податоци и парите што се менуваат во менувачниците тогаш сумата е многу повисока и во 2015 година изнесувала $ 2.2 милијарди. Тоа всушност би претставувала 20 % од БДП, но упатените велат дека од друга страна тоа е преценето, па бројката веројатно е на средината и парите од иселениците изнесуваат околу десет отсто од БДП.
Без нашите браќа и сестри во странство тешко ќе опстанеме
Според едно истражувањето спроведено во 2013 година за влијанието на парите од иселениците во Македонија, Косово и Босна и Херцеговина, околу 27 % од домаќинствата во Македонија се изјасниле дека имаат некого во странство. Истражувањата покажуваат и дека повеќе пари кај своите роднини праќаат иселениците Албанци во споредба со иселениците Македонци.
Во Македонија цели региони практично живеат од парите на своите роднини надвор од земјата. Таков е случајот и во Дебар. Само во Америка има околу 15 илјади дебарчани, а голем е и бројот на оние кои работаат и живеат во земјите на Европската Унија. Без материјалната поддршка што ја добиваат од иселениците жителите на Дебар тешко можат да опстанат.
,,Во оваа улица каде што живеам има вкупно 24 куќи. Отворени се само четири, сите други 20 се затворени бидејќи тие се иселени. Најмногу се иселени во Америка. Иселениците ги издржуваат своите роднини во родниот крај. Нашите брака и сестри помагаат. Ако не е таа помош тогаш тешко се опстанува”, вели Дритан Леши кој поголемиот број на своите најблиски роднини ги има во Њујорк .
Четирите деца на Зенго Мифтароски, пак, му се на печалба во Италија. Тој нагласува дека без нивната материјална поддршка тешко дека може да живее.
,,Јас дома живеам само со жената. Примам минимална пензија која изнесува седум илјади денари и истата не ми стигнува само за храна, а не и за другите трошоци. Децата ми праќаат пари со кои живеам и плаќам сметки за струја, вода, телефони и други трошоци. Ако децата не праќаат пари ништо не правиме. Да ви кажам дека сите млади од оваа населба каде што живеам во Дебар се во странство. Овде не можете да сретнете млади. Тие многу помагаат на своите кои се дома. Имаме среќа што младите ги имаме таму. Во Италија се и таму има проблеми економски, но сепак треба да се нагласи дека добро се, работаат и ни помагаат,” вели Мифтаровски.
Деведесет насто од парите за храна и сметки
Најголемиот дел од парите што им ги праќаат блиските македонските граѓани, пак, ги трошат за тековните потреби, храна, плаќање сметки и други неопходни работи.
„Во деведесет проценти се задоволуваат тековните потреби , за храна, за облека и за сите оние комунални трошоци околу домот и многу мал процент се користат за попродуктивни инвестиции. Мислам дека според податоците во анкетата само девет отсто приматели на дознаки имаа кажано дека барем дел од тие пари искористиле за да почнат некаков бизнис,” вели професорот Петрески.
И во Тетовско речиси секое семејство има свои блиски кои живеат и работат во странство. На голем дел од нив дури и секојдневната егзистенција им зависи од тоа колку пари ќе им пратат печалбарите.
„Ја имам ќерка што ми праќа пари од Шведска, преку Вестерн Јунион. И државата сега сака да наплаќа данок за тоа. За парите што ми ги праќаат, сакаат уште пари, ДДВ”, вели еден тетовец.
Летниот период е времето кога печалбарите најмногу се враќаат во Тетово. И тогаш дел од нивните пари остануваат тука од повеќе причини. Најмногу трошат кога се прават свадби со оглед дека се купува злато, гардероба, се плаќаат ресторани и музика.
Кај албанската заедница од Тетовско карактеристика е што печалбари најмногу имаат во Германија, Швајцарија и Данска. Македонците од ова подрачје најмногу на печалба се заминати во Америка и Канада.
Прилеп на грбот на младите иселеници
Во Прилепско, пак, има поинаква ситуација. Таму дел од иселениците, кои работниот век го поминале во странство, одлучиле да се вратат во земјата и тука да живеат со пензиите од западните земји. Во регионот најмногу пари стигнуваат од Австралија и од Америка.
Раде Степаноски од прилепското село Тополчани е тутунопроизводител и така вели се обидува со години да опстане во немаштијата и скапиот живот. Во четиричленото семејство никој не заработува, децата одамна заминале на школување и останале во Скопје, а неговите родители во трета доба од животот не се во можност да придонесуваат. Ако не е, вели, помошта што ја добива од свои блиски родинини од странство тешко дека ќе врзе крај со крај.
„И мене ми праќаат. Од вујко добивам по нешто, по некој денар, скап е животот претерано, не можеш да достигнеш пари да земеш. Што ако живееме во село, со наши производи што ги произведуваме не се стигнува, најмалку се потребни околу 30,000 денари месечно (околу $ 750) за струја, вода… се плаќаме”, вели Степаноски.
Неговиот пријател Пандо Чапкуноски, речиси негов врсник од истото село, вели дека расте бројот на жители кои се враќаат од странство како пензионери и со тие пари не ретко ги помагаат семејствата на блиските.
„Од пошироката фамилија имам чичковци, тетки, вујковци кои се во странство и кои што им помагаат на нивните блиски. Е, сега колку им помагаат, дали редовно или инцидентно по потреба, за свадба, смрт, болест… интервенираат, им помагаат”, заклучува Чапкуноски.
Само во Тополчани има преку 15 пензионери кои живеат со пензии од странство. Ист е случајот и со другите рурални средини во Прилепско. Голем е бројот на семејства кои живеат со пензии од нивните блиски од странство. А, пензионерите велат дека тие 1,000 до 2,000 евра што ги добиваат просечно, не можат да им го пружат тој комфор што го уживале во странство со редовните плати.
„Овде е прескапо, државата наплаќа многу високи даноци, а не им нуди ништо во замена на граѓаните, сите услуги во јавното здравство се превисоки”, забележуваат овие пензионерите.
Странските дознаки во филијалите на големите комерцијални банки се од сите страни од светот, но најмногу од Австралија и од Америка. Од друга страна,не само во руралните средини, туку и во градот, расте бројот и интересот на младите за заминување во странство, најчесто за работа на брод. Атрактивна за младите е и Германија, каде како што велат им се нудат високи плати, со кои може да ги остварат своите соништа.
Не е мал бројот на прилепски семејства, кои живеат со парична помош што ја добиваат токму од нивните деца, кои заминале на работа во белиот свет. Но, овие не многу високи суми се причина многу други семејства кои живеат на работ на сиромаштијата,да ја изгубат социјалната парична помош од државата. Сите бараат промена на економската клима и премногу рестриктивната социјална политика во државата.
Македонците во ЕУ и САД, Албанците во Швајцарија
Според етничката припадност истражувањата покажуваат дека македонските семејства имаат најмногу мигранти во земјите членки на Европската Унија, во северна Америка, Авганистан и Ирак, а најмногу Албанци мигрираат исто во Европската унија и во Швајцарија.
Она што треба сега да се направи, сугерира професорот Петрески е владата да понуди стимулативни мерки за да им помогне на дел од тие луѓе да ги вложат парите во микробизниси.
„Нема гаранција дека тие пари ќе течат до бескрај туку поентата е додека ги имаме тие пари со нив да направиме нешто што ќе им овозможи на тие луѓе што ги примаат да бидат самоодржливи да имаат некакво вработување и во услови кога тие пари би ги немало. Овде не станува збор за фабрики, туку мислам на микробизниси во кои тие луѓе би можеле да се самовработат,” вели професорот Петрески.
(Слободна Европа)