Во холот на Македонскиот народен театар (МНТ), пред голем број присутни беше отворена изложба на дела од ликовниот уметник Димитар Кондовски (1927 -1993) под наслов „Шепотот на Уметникот со уметниците”. Изложбата е по повод одбележувањето на 72 години од постоењето на МНТ.
На изложбата поставена во Музејот на театарот за прв пат се претставени работни скици, цртежи, костумски анализи и голем број „навидум безначајни прибелешки” од кои се родиле големите портрети на Ана Липша Тофовиќ, Кирил Ќортошев, Натка Пенушлиска, Никола Мартиновски, Трајко Чоревски.
Посочувајќи на отворањето на изложбата дека „одбележувањето на 72 години од првата претстава во МНТ е повод за апострофирање на уште еден ден за паметење во неговата историја, но истовремено и во културната историја на Македонија, а тоа е 90-годишнината од несомнено најголемиот и најпродуктивен портретист, сценограф, костимограф, илустратор, уметник и ликовен педагог –Димитар Кондовски”, Јасминка Намичева укажа дека една од темите што него го преокупирале, а која е од особено значење за театарското културно паметење е речиси хронолошкото портретирање на театарските уметници, со кои катадневно соработувал.
„Тие се неговите пријатели, вткаени во неговиот творечки простор уште од најраните години. Така е создаден еден исклучително богат опус на „разговори –шепотења” на Уметникот со уметниците” – скици и портрети на актери од сите генерации, со што Кондовски си го обезбедил местото на најголем хроничар на македонската театарска заедница”.
Станува збор за 103 презентирани дела на Димитар Кондовски, од кои дел се во сопственост на МНТ, а дел на неговото семејство.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во своето обраќање ги нарече делата „вредно сведоштво за пријателствата помеѓу уметниците во театарот, меѓу кои Кондовски е постојано присутен како сценограф и костимограф на многу драмски, оперски и балетски претстави”. Таа, меѓу другото, потсети дека во новиот објект на МНТ се негува и музејската дејност, преку заштитата и промоцијата на сите артефакти кои се дел од богатото минато на институцијата.
„Фондот на Музејот на МНТ содржи повеќе од 100 оригинални уметнички дела на врвни македонски уметници, изработени портрети на доајените на македонскиот театар, балет и опера, дела од применетата уметност, над 2.500 сценографски и костимографски скици, над 8.000 оригинални фотографии и фото-негативи, сценски мебел и костими”. Министерката за култура потенцираше дека изложбата за Димитар Кондовски „суптилно и ненаметливо ја надополнува уметничката збирка на МНТ со нови предмети кои ја раскажуваат неговата приказна”.
