ДИМИТРОВ: Спорот за името иако е билатерален, без решавање може да ја загрози регионалната стабилност

Спорот за името е долгогодишен. Иако во суштина тоа е билатерално прашање, последиците од негово нерешавање, како што се гледа во последно време, може да ја загрозат регионалната стабилност, изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во интервју за грчкиот весник „То Вима”, пренесе МИА.

Тој нагласува дека Република Македонија предолго беше оставена во чекалница пред заклучените врати на НАТО и ЕУ поради наметнатата политичка блокада и покрај одлуката на Меѓународниот суд за правда, и оти „тоа за возврат ја отвори вратата за демократска криза во земјата”.
„И ние, очигледно, имаме направено свои грешки. Сите треба да ја научиме лекцијата. Категорично сум убеден дека треба да ја искористиме ситуацијата и позитивниот моментум. Да ги употребиме за суштинско преосмислување на нашиот однос. За Грција прашањето е каков сосед би сакала да има? За Република Македонија прашањето е каков сосед би сакала да биде? Сакаме да бидеме блиски пријатели на Грција врз основа на взаемно разбирање, почитување и заеднички интереси. Миграциската криза беше јасен пример колку сме слаби кога самите се соочуваме со голем предизвик, и колку можеме да постигнеме кога ќе ги здружиме силите и кога соработуваме. Сепак, за жал, се уште не сме го постигнале степенот на доверба, соработка и отворена комуникација што постои меѓу народите на двете земји”, изјави Димитров.
Во врска со преговорите за името во ОН, шефот на македонската диломатија вели дека во текот на преговорите, во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН, на маса биле ставени неколку идеи што едната страна ги сметала за добра основа за решение, но другата страна ги отфрлила.
„И двете страни треба да преговараат со добра волја и да се обидеме, колку што е можно повеќе, да ја разбереме чувствителноста на тие прашања гледани од другата страна. Треба да го подигнеме нивото на доверба и да размислиме за инвестирање во нашите билатерални односи на начин што ќе овозможи дополнителен напредок”, подвлекува Димитров.
Во врска со мерките за градење доверба, македонскиот министер вели дека тие се многу корисна алатка за зајакнување на целокупното ниво на взаемна доверба и соработка меѓу институциите на двете земји. Тековните мерки за градење доверба, според него, се долго очекуван одговор на македонските повеќегодишни иницијативи за подобрување на билатералната соработка.
„Соработката и дискусиите околу спорот со името требаше уште одамна да се одвиваат паралелно. Во мојата функција како преговарач јас предложив еден склоп мерки за градење доверба уште во 2007 година. Имплементацијата на договорените мерки за градење доверба веќе имаат придонесено кон поголема практична соработка меѓу институциите во врска со миграциските прашања, како и во поглед на енергијата, инфраструктурата и образованието, меѓу другото, а ќе следуваат дополнителни резултати. Списокот на договорени мерки за градење доверба не е конечен и сеопфатен”, рече Димитров.
Наместо за „Голема Албанија” ајде да зборуваме за „Голем Балкан”
На новинарско прашање каква е неговата реакција за тоа што „одредени луѓе во земјата и пошироко изразиле загриженост околу сценаријата за Голема Албанија”, министерот вели дека „премногу сме ситни на Балканот за да положуваме право на поголеми нешта од просперитет, соработка, инклузивност, диверзитет и европеизација”.
„Наративот на поголемите држави не враќа назад во минатото. Наративот на Европа ни отвора една заедничка иднина. Сметам дека во регионот се издигаме и паѓаме заедно. Ајде да се издигнеме и да бидеме еден Голем Балкан”, истакна тој.
Осврнувајќи се на ситуацијата на Баканот, Димитров вели дека „регионот во моментов и не е едно премногу весело место, а тука дефинитивно има придонесено и ситуацијата во и околу Република Македонија”.
„Проблемот со проблемите е во тоа што ако се занемаруваат – се шират. Стратешките патеки за Балканот поставени од ЕУ на самитот во Солун уште во 2003 година, веќе не се толку цврсти како порано. Пристапниот процес, од најразлични причини, го губи својот моментум. Политичката енергија е префрлена на друго место и зад себе оставила недовршена работа. Европа, НАТО и регионот ќе направат катастрофална грешка ако отворат простор за оние што сакаат да го оспорат поредокот утврден по југословенските војни”, подвлекува министерот.
Димитров на крајот од интервјуто за „То вима” вели дека е време регионот решително да се подбутне напред и додава дека „новата Влада со својата цврста посветеност на реформите на домашен терен и на добрососедските и пријателски односи надвор од границите претставува одлична можност и за регионот, но и за НАТО и ЕУ што мора да се искористи”, пренесува МИА.

REAL NEWS: „Вардарска Македонија” – грчки предлог за името
Грчкиот неделник Real news со текст од 18 јуни тврди дека официјална Атина би сакала нејзиниот северен сосед да се нарекува „Вардарска Македонија”, иако имала и алтернативен предлог „Република Скопје”, но тоа било нешто што во минатото било одбиено од официјално Скопје.
„Првите предлози за компромис за името на нашата соседна земја веќе се ставаат на маса. Атина зад кулисите го предлага името Вардарска Македонија, проценувајќи дека географската одредница ги исклучува иредентистичките барања на соседната земја” – пишува весникот и додава дека според грчки владини извори прашањето за името суштински ќе се разговара по германските избори, затоа што конкретното прашање не може да се реши само од САД, туку и Берлин игра важна улога во регионот.
„Атина разбира дека новата влада во Скопје не е доволно стабилизирана за да седне на преговарачката маса за компромис за името, но нема да дозволи да се искористи внатрешната ситуација во Скопје за соседната земја да се интегрира во НАТО без решение на името,” – пишува Real news и го повторува она што на неколку пати го објавија грчките медиуми: дека ЕУ и НАТО притискаат за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ под привременото име, без да има решение, сценарио со кое Атина не се согласува.
Весникот во анализата уште открива и детали за средбата на Димитров со грчкиот претседател минатата седмица. Прокопис Павлопулос, според Real news настапил со цврст и остар став.
„Не го разбирам вашиот став. Корисна беше за нешто до сега вашата непопустливост? Други соседни земји го загрозуваат вашиот суверенитет и вашиот интегритет. Грција ќе биде до вас и ќе придонесе за ваша интеграција во НАТО и во ЕУ, откако ќе постои конечно решение во прашањето за името. Учете од ставот на еден стар комунист, како што беше Киро Глиготров, и нема ништо да изгубите,” – му рекол според Real news грчкиот претседател на Димитров при средбата во Атина.

ДИЈАСПОРАТА ГО КРЕВА ГЛАСОТ: Политичарите имаат должност да го заштитат името и идентитетот
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) порача дека македонските лидери имаат апсолутна должност да го почитуваат уставното име на Република Македонија и оти нема да го признааат, нити поддржат „взаемното прифатливо решение” еуфемизам за промена на името, ниту напорите на кој било политички субјект во Македонија за спроведување референдум за прифаќање на компромисно име договорено на преговарачки стол.
– Името на Македонија е длабоко врежано во сржта на нашиот идентитет и тоа е составен дел од нашата вековна борба за самоопределување и суверена независност. Тоа не е нешто за што смее да се преговара преку практична политика и дипломатија. Македонците во границите на сопствената држава, но и македонското малцинство што живее во Албанија, Србија,
Бугарија и Грција, заедно со нашата дијаспора, на глобално ниво, нема да прифатат апсолутно никаква промена, нити пак размена на нашето име и идентитет за членство во некоја меѓународна организација или сојуз, велат од ОМД.

Останати вести