ЕКСКЛУЗИВНО СО БЕТИ КОРУНОВСКА, ГЕНЕРАЛЕН КОНЗУЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО АВСТРАЛИЈА СО СЕДИШТЕ ВО МЕЛБУРН
Покрај визно пасошки работи, дипломатските претставништва се анагажирани за државјанство, прашања од областа на семејни односи, легализација на документи, издавање на потврди, матична евиденција, притвор, апсења, издржување на затворски казни, екстрадиција, реадмисија на државјани на РМ, наследно – правни прашања, правна помош, потраги, прибавување и проверка на документи од РМ и останати конзуларни прашања.
Почитувана госпоѓо Коруновска, веќе неколку години ја извршувате дипломатската работа како Генерален конзул на Македонија во Австралија. Би можеле ли да оцените дека воспоставивте квалитетна и содржајна соработка со граѓаните од наше потекло?
Пред повеќе од две години, кога го направивме првото интервју за читателите на овој ценет пишан медиум, моето мото беше “да ја насочиме нашата позитивна енергија”. Искуството покажа дека позитивниот пристап секогаш дава добри резултати. Во контекст на активностите и реализираните замисли на дипломатско поле во Австралија, слободно можеме да пристапиме со оценка-успешни, било да се однесува на соработката со Македонците на овој континент, австралиските институции или активностите со дипломатските тела на Австралија. Минатата година година одбележавме дваесет години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји, остваривме низа контакти и средби со Австралискиот политички врв, конечно прашањето за името почна да добива нови размери- федерални пратеници од двете најголеми политички партии се обратија во Федералниот Парламент со силна поддршка за признавање на уставното име на Република Македонија од страна на Австралија.
Односот на официјална Австралија кон Македонците, нејзините граѓани, или пак кон оние со двојно државјанство, не се разликува во остварувањето на нивните граѓански права, од истиот, во однос на другите граѓани на Австралија. Сепак останува заклучокот дека Македонците во Австралија сеуште се недоволно директно инволвирани во политичките води, пред се од аспект на членување во големите политички партии, што резултира со фактот дека Македонската заедница е најголемата заедница во Австралија што не е претставена со пратеник на државно или федерално ниво. Но, моето гледање е дека, таа слика набрзо ќе биде променета од вторите генерации Македонци, кои успешно се инкорпорирале во сите текови на оваа држава, а во исто време ја зачувале љубовта кон Македонија и желбата да се направи чекор повеќе за добробит на својата земја.
Продолжуваме во промовирање и обезбедување ефикасен протокол и конзуларни услуги, задржувајќи ја посветеноста да дејствуваме како фокусна точка во интеракцијата меѓу Владата и Македонската заедница во Викторија.
Бездруго знаете дека во Мелбурн живее најбројната македонска етничка заедница во дијаспората. Задоволни ли сте од интересот за поседување на македонска патна исправа? Постојат ли некои проблеми во мигов на тој план?
Поседувањето на македонска патна исправа е апсолутно значајно од повеќе аспекти, тргнувајќи од фактот што, Македонија сите свои државјани ги гледа еднакво, безразлика дали живеат во земјата или надвор од неа. Ние како ДКП-а сме екипирани и подготвени да излеземе во пресрет, дури и во ситуација кога сите македонски државјани на овој континент би поднеле барање за патна исправа во еден момент. Акциониот план на Владата на РМ во наведениот контекст, со земање на податоци и издавање на биометриски патни исправи, покрај Мелбурн, ги опфаќа градовите Канбера, Сиднеј, Перт и Окланд (Нов Зеланд), каде што е сконцентрирана нашата заедница и каде интересот за добивање на патна исправа е најголем. Со секој пројавен интерес, опсегот на градови ќе биде проширен. Сакам да најавам дека, посветеноста на дипломатските претставништва кон ова важно прашање, придонесе Австралија да биде првата земја во која ќе се постави базна станица за патни исправи со која повеќекратно ќе се намали времето на чекање од моментот на аплицирање до добивање на готовата исправа. Минатиот месец започнавме со одржување конзуларни денови во Џилонг, односно средби на месечно ниво, на кои ќе правиме заверка на документи, како и консултации со граѓани за сите прашања од нивни интерес.
Покрај визно пасошки работи, дипломатските претставништва се анагажирани за државјанство, прашања од областа на семејни односи, легализација на документи, издавање на потврди, матична евиденција, притвор, апсења, издржување на затворски казни, екстрадиција, реадмисија на државјани на РМ, наследно – правни прашања, правна помош, потраги, прибавување и проверка на документи од РМ и останати конзуларни прашања. Ова е добра можност да се упати информација до Македонците во контекст на гореспоманатото-секој документ кој се испраќа во Македонија, по било кој основ, задолжително треба да е заверен во едно од ДКП-ата, Амбасадата или Генералниот конзулат, за да истиот има важност пред надлежните органи во Р.Македонија, со исклучок на потврдите за живот кои се признаваат заверени во Centrelink.
Според вас што треба да се преземе за уште поквалитетна соработка на нашите граѓани, друштва и асоцијации во Австралија со матичната земја Македонија?
Соработката на македонските дипломати во Австралија со македонските организации, па и иселеници е неминовна и постојана и со секој нареден чекор, го зазема вистинското место кое и припаѓа, давајќи резултати на повеќе полиња. Во оваа прилика, сакам да упатам благодарност до сите македонски организации кои дејствуваат во Викторија, па и Австралија, за вложените напори во зачувување и промоција на Македонскиот идентитет, за врските кои ги создадовме, за плановите кои ги реализиравме – како упатената помош за штетите од поплавените региони во Македонија минатата година и слични примери.
Изучувањето на македонскиот јазик, ефикасно функционира во сите поголеми градови во Австралија. Покрај регистрираните здруженија на тоа поле, заслугата ја носат и повозрасните Македонци кои успеале на вистински начин да ја пренесат желбата за македонски јазик на помладите генерации.
Македонските медиуми си го нашле своето место во ова општество, одржувајќи ја секојдневно врската на иселениците со Македонија-една од клучните нишки за задржување на желбата во луѓето заеднички да придонесат кон остварување на нашите стратешки цели. Хуманитарните организации, кои несебично го даваат својот влог за помош на болни лица во Македонија, бројни поголеми и помали друштва и организации, сите тела кои располагаат со членство и активно организираат настани од различен карактер- сите тие имаат свој удел во зачувувањето на македонската традиција, јазик, култура, пишан збор, на македонскиот идентитет воопшто.
Гeнералниот конзулатaт на Македонија од Мелбурн во соработка со Министерствата за здравство на РМ и Австралија, обезбеди донација- медицинска опрема во вредност од 3 милиони австралиски долари. Ќе сакате ли да раскажете за што се работи?
Во текот на април, минатата година, Генералниот конзулат ги започна своите активности за обезбедување на донација од областа на здравството. Изгледите да се оствари замислата беа многу мали, но секој пат започнува со првиот чекор. На почеток се соочивме со лошите искуства на Викторија од претходни донации на опрема за која земјите не располагале со кадровска екипираност, што довело до несакани последици и развило одредено ниво на недоверба кон дотогашната пракса. Барањата им беа енормно високи. Во тој дел, преку Министерството за надворешни работи безрезервно се вклучи и излезе во пресрет Министерството за здравство на РМ, обезбедувајќи ги потребните услови и специфичните барања на австралиските инволвирани институции. Во текот на Јули 2015 г. со Радиолошка онкологија беше потпишан договорот за доделување на бараната медицинска опрема-комплетен современ систем за радиотерапија, односно за лечење на малигни заболувања. Следеа низа препреки заради различните законодавства меѓу двете земји, но желбата да се подигне соработката на ова поле си го направи своето. Опремата беше испратена за Македонија во текот на ноември, а во моментов ги има поминато сите потребни процедури и по завршувањето на подготвителните активности ќе биде инсталирана на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје. Сакам да го потенцирам влогот на Катерина Алексовска, Македонка по потекло, вработена во Министерството за здравство на Викторија, за оптимистичкиот пристап и целокупната помош од нејзина страна во остварувањето на нашата замисла. Од денешна перспектива, а во контекст на гореспоменатото можеме да потврдиме дека, напорите завршија со успех, кој ги надмина и најпозитивните очекувања.
Задоволни ли сте од интересот на граѓаните од Викторија за потенцијално инвестирање во Македонија?
Нашата мисија е константно поддржување на крос културни активности што резултираат со поголема трговска размена, здравје, уметност, благосостојба и одржливи резултати за македонските граѓани кои живеат во Австралија, Австралиските граѓани со македонско потекло и Австралиските граѓани со бизнис иницијативи во Република Македонија. Работата на полето на економска дипломатија, почна да ги дава своите резултати, што ни дава основа да кажеме дека 2016 година може да се гледа како продолжување на отворениот пат за австралиски инвестиции во Република Македонија. Посветеноста на ова поле ги даде и првите резултати во текот на изминатите години, со отворање на претставништва на пет австралиски компании, со кои се генерирани повеќе од 400 работни места во Македонија. Во моментов течат преговори со нови три компании од Австралија, за кои веќе се преземаат организациони чекори од страна на ДКП-ата, за посета на РМ од нивни претставници. Податок кој заслужува да се спомне е инвестицијата на наш иселеник од Перт, кој на некој начин го отвори патот за инвестиции од бизнисмени со македонско потекло. Нашата борба на економско поле е донесување на Македонија на место каде ќе биде вратата на австралиските инвеститори до Европа.
Туризмот е една од гранките на интерес која заслужува да добие место. Генерално во изминатата година се бележи огромен пораст на туристи Австралијци како и сигнификантен пораст на бројот на ноќевања. Имено бројката на туристи во однос на 2010 е зголемена за 43% додека во однос на 2013 за 19%. Овој тренд очекуваме да продолжи и во текот на оваа година.
Колку успеавте за ова време да ја запознаете Австралија, што најмногу и што најмалку ви се допаѓа?
Со оглед на природата на конзуларната работа, имав можност да видам поголем дел од Австралија. Би ги издвоила отслиците на остатоците од Британската култура, кои на уникатен начин се вклопени со мултикултурализмот и функционираат во еден систем. Воодушевува начинот како е организирано општеството, со интересен за анализа политички систем, од локално до федерално ниво. Австралија има плејада на природни убавини кои вредат да се видат во еден мандат. Се надевам дека до крајот на истиот ќе имам доволно време, да ги збогатам своите впечатоци со поистакнатите знаменитости.
Дали и по завршувањето на вашата дипломатска мисија во Мелбурн ќе продолжите да го следите севкупниот живот во Австралија?
Секој дипломат остава парче од својата душа на мандатите каде што престојува. Период од четири години е сосем доволен да се навлезе подлабоко во секоја пора на општествениот живот, да се создадат врски кои ќе одбележат еден важен период од животот, да се стават несебични напори во истакнувањето на значењето на Македонската заедница и нејзините потреби, како еднакви учесници во секојдневниот живот на мултикултурна Австралија. Секако дека ќе продолжам да се интересирам за севкупните текови на нашата заедница во Австралија, да се радувам на идните успеси за кои темелите започнале да се создаваат од отворањето на овој Конзулат и продолжиле преку мојата работа, да се гордеам на продолжувањето на визијата на Генералниот Конзулат на Република Македонија во Мелбурн, која е проткаена во неодминливата цел – да ги воздигне односите меѓу Република Македонија и Австралиската Заедница, со подобрување на сликата и видливоста на матичната Земја, за подобро да им служи на човечките, културни, економски, трговски и социјални агенди.
Игор Павловски

