Директорката на Клиниката за кожни болести во Скопје, Нина Цаца Билјановска, се заразила со коронавирусот додека била на двонеделно скијање во Алта Бадиа (Италија).
Ова го обелодени министерот за здравство Венко Филипче. Откако се вратила од Италија, Билјановска си одела на работа цела една недела. Освен контакти со колегите и пријателите, таа на 7 март била предавач на собир за немеланомски карцином во рецепцијата “Рагуза” во Скопје.
Дури и откако се откри дека била заразена, таа не се пријавила самата туку тоа го сториле нејзини колеги на кои таа наводно им се заканувала со откази и казни!?
– Наша колешка, лекар, поради непочитување на препораките е заразена со коронавирус. Мала олеснителна околност е што по враќањето од Италија таа немала денови во амбуланта, односно немала контакти со пациенти. Таа е хоспитализирана и има лесна клиничка слика.
Ова непочитување на препораките е огромно разочарување за нас, особено кога станува збор за медицинско лице. Мора да сме одговорни и кон колективното здравје, затоа апелите мора дa се почитуваат. Како Mинистерство сме целосно посветени на контрола и превенција од коронавирусот, тоа е приоритет, а мерките за заштита ги препорачуваме и тоа пред сите други во регионот. Не може да ги затвориме границите, тоа е невозможно и СЗО не го препорачува, а мерката самоизолација уште пред две недели ја препорачавме. Апелирам секој којшто се враќа од ризичен регион, и да нема симптоми мора да остане во автоизолација најмалку 14 дена, рече Филипче.
Тој истовремено објави дека директорката на Кожната клиника е суспендирана и дека ќе бара нејзино разрешување.
Сега Клиниката за дерматологија во Скопје е затворена, целиот медицински персонал е во изолација, се вршат тестирања, пациентите што можат да го продолжат домашното лекување се дома, а оние што не можат, се префрлаат во други здравствени установи.
Вкупниот број на лица во домашна изолација во Македонија изнесува 193 лица. Меѓу изолираните се 103 лица кои присуствувале на конференцијата за дермато-венеролози каде што таа држела предавање, 64 лица се медицински персонал од Клиниката, 11 се пациенти кои биле хоспитализирани, а 13 се други пациенти кои примале дневна терапија.
Се дознава дека Нина Цаца Билјановска е сестра на Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Стразбур а сега член на Уставниот суд на БиХ.