Судење за “Дива населба”
Судење за тероризам или за паравоена вооружена група
Во Кривичниот суд во Скопје, под силно полициски обезбедување, минатата седмица се одржаа две рочишта за настаните од 9 и 10 мај 2015 во кумановската Дива населба, каде вооружена терористичка група уфрлена од Косово се судри со македонските безбедносни сили. Во престрелката загинаа 8 полицајци а четириесетина беа ранети. Од страна на вооружената група беа убиени 10 лица а 29 беа уапсени.
Ним сега им се суди. Сите на првото рочиште се изјаснија дека се невини за тероризам.
На почетокот на судењето одбраната на обвинетите побара случајот да биде превземен од Специјалното јавно обвинителство, на што судијата рече дека предметот ќе биде предаден на ова обвинителство доколку од истото пристигне такво барање до судот.
Обвинителството соопшти дека располага со доказен матиерјал со кој ќе докаже дека 29-мината се виновни за тероризам и терористичко организирање.
Од доказите приложени кон обвинението, обвинителството има намера да докаже дека на 21.04.2015 година група вооружени и маскирани лица ја нападнале полициската станица во Гошинце и совладале четворица полицајци кои извршувале гранично обезбедување. Оттаму го одзеле сето оружје.
По овој настан, припадниците на Единицата за специјални задачи на МВР на 9 мај 2015 година во кумановската Дива населба требало да извршат претрес во неколку објекти во врска со случајот од караулата во Гошинце. Претресот бил со цел да се пронајдат лица инволвирани во инцидентот во Гошинце. Кога припадниците на ЕСЗ се добилижиле кон објектот, лицата од криминално-терористичката група фрлиле рачна бомба. Нападот продолжил и траел 42 часа. Во нападите загинаа 8 припадници на МВР”, рече пред Судот застапникот на обвинението.
Диспозитивот на обвинението започнува со случувања од јануари минатата година кога сега починатите Мирсад Ндрецај и Бег Ризај заедно со обвинетите Анди Красниќи со прекар “командант Малишева”, Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху, Зијадин Красниќи ја форимирале групата која требало да се занимава со криминално-терористисчки активности.
Подоцна кон оваа група ќе се приклучат помеѓу 35 и 40 други лица.
Ноќта меѓу 21 и 22 април , Ндрецај и Ризај, заедно со обвинетите Валдет Зекај, Деме Шеху и уште неколку други лица илеглано ја преминале македонско-косовската државна граница и се нашле на македноска територија каде биле пречекани од обвинетите Насуф Бекири, Фејзула Рушитовски и сега недостапниот Сулејман Осман.
Утрината, некаде по два часот, групата упаднала во граничната караула Гошинце. Тие ги совладале четворицата припадници на МВР, а од караулата заминале носејќи со себе 65 автоматски пушки, три пушкомитралези, две полуавтоматски пушки со снајпер, 50-тина пиштоли и повеќе од 15.000 парчиња муниција, еден дурбин и термовизиска камера и друга опрема.
На втори мај, а делувајќи според однапред изготвениот и договорен план, повеќе од 35 припадници на терористичката група влегле на македонска територија, а тука биле прифатени од десетмина македонски државјани кои одржувале блиски врски со лицата дојдени од Косово. Со три возила групата била префрлена во Куманово, а потоа припадниците на групата биле сместени во неколку станбени објекти во населбата Дива населба.
Пресметката со полицијата, како што тврди Јавнот обивинтелство, започнала на девети мај во 4,30 часот, односно по обидот на полицијата да изврши претрес во стан на улицата „Перо Илиевски” во Куманово.

Четворицата водачи на терористите се предале, ама биле убиени во полициска станица!?
По обвинителот, можност за воведен збор добија обвинетите и нивните адвокати. Атмосферата во судницата ја загреа обвинетиот Насуф Бекири кој истакна дека „дури и малите деца знаат дека не сме терористи и дека не дојдовме во Куманово да војуваме”.
– Бевме искористени за политички цели и не сме ниту први, ниту последни што сме искористени за тоа – рече Бекири, кој побара овој случај да биде расветлен од Европската унија и од САД.
Тој истакна дека многу добро се сеќава на тоа што им го кажале Бег Ризај и Мирсад Ндрецај.
– Ни рекоа дека во Куманово ќе бидеме само фигури и ако дојде полицијата, да пукаме во воздух. Знаат сите, знаеме и ние, дека сме употребени за политички цели и нема да признаеме никаква вина – рече Бекири.
Обвинетиот Руфки Догани, пак, кога му се обрати на судскиот Совет за дополнителен исказ истакна дека Бег Ризај, Мирсад Ндрецај, Ваљон Кабаши и Сами Кастриоти живи и се предале на полицијата, но биле убиени во полициска станица.
– Тоа го знам бидејќи лично ги видов кога се предадоа – нагласи Догани.
Безмалку сите адвокати што денеска даваа воведни зборови рекоа дека ниту тие, ниту обвинетите ја прифаќаат квалификацијата на кривичните дела тероризам и терористичка организација и дека во понатамошниот тек на судењето ќе го докажат тоа преку искази на сведоци и врз основа на доказите прибрани од обвинителството во текот на истрагата.
Арсим Бајрами, последен од обвинетите од кумановската група изјави дека на 9 мај бил во татковата куќа во кумановското село Ваксинце, оддалечено 10 километри од Дива населба. Утрото, бил повикан итно да дојде на работа во полициската станица во Куманово каде бил уапсен.
– Тие сакаат со мене како припадник на МВР да ги покријат своите игри. Сакаат да тврдат дека јас сум и помагал на оваа група. Тоа е ноторна лага. И да сум имал прилика да бидам дел од такво нешто, никогаш не би прифатил бидејќи сето тоа е само нечија игра – истакна Бајрами.
Еленко Миланов, адвокат на обвинетиот Беким Кабаши, истакна дека на 9 мај полициските специјалци тргнале со судски налог да апсат вмешани во наводна илегална трговија со дрога, а не дека барале терористи.
– Ако е вистина тоа што е напишано во обвинителниот акт, тогаш не може мојот клиент да биде обвинет за тероризам, бидејќи тоа се сосема две различни правни одлуки. Ако била акција со судски налог за илегална трговија со дрога, тогаш мојот клиент може да биде обвинет за спречување полицаец во вршење службена должност, а не да биде обвинет дека е терорист.
За берберот Ирфан Љутвиу, неговиот законски застапник тврди дека бил уапсен само затоа што само живеел во населбата “Тоде Мендол”, кај кумановци позната како Диво Насеље.
– Мојот клиент, ниту некогаш собирал пари, ниту пак наводно обезбедувал храна и засолниште, ниту пак имал било каков контакт со некого од оваа група. Тој е бербер и никого лично не го познава од обвинетите – истакна адвокатот Асмир Алиспагиќ.

Косово го екстрадира македонскиот државјанин осомничен за тероризам во Дива населба
Косовските власти го екстрадирале македонскиот државјанин Беќир Бакијовиќ,кој на македонските власти им бил предаден на преминот кај Блаце,на четврти февруари, јави агнецијата ИНА.
– Бакијовиќ беше уапсен во Косово на 18 септември лани, осомничен за помош на подготовка на терористички напад,но и вмешаност во случувањата во кумановската населба Дива населба, наведува агенцијата.
Дека е екстрадиран во Македонија, веста ја потврдиле директорот за меѓународна соработка во косовската полиција, Ветон Елшни и адвокатот на Бакијовиќ.
Според косовските медиуми барањето за екстрадиција на Основниот суд од Скопје било добиено на 15 октомври лани а екстрадиција била одобрена од Министертвото за правда на Косово на почетокот на месецов.