Ситуацијата со коронавирусот во Русија е генерално загрижувачка, но е под контрола – се подготвуваме за најлошото, а се надеваме на најдоброто, рекол портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Епидемијата се развива, и понатаму трае, ситуацијата е навистина напната, но е под контрола. Претходно беа преземени мерки за мобилизација на здравствениот систем, како на федерално, така и на регионално ниво, овозможувајќи ситуацијата да се држи под контрола”, рекол Песков.
Според него, не може да се даде точна прогноза од очигледни причини.
„Ние секогаш се надеваме на најдоброто, но се подготвуваме за најлошото – тоа е стандарден модел на однесување”, истакнал портпаролот на рускиот претседател, додавајќи дека во вакви ситуации треба да се продолжи со системско мобилизирање на здравството, што и се прави во Русија.
Главниот пулмолог на Министерството за здравство на Русија, Сергеј Авдејев изјавил дека 30-40 отсто од тестовите за коронавирус може да дадат лажно негативен резултат. Според него, проблемот нема врска со самите тестови туку со исправноста на земањето на материјалите за анализа.
Како што вели, резултатите на тестовите може да зависат и од времето на земање на материјалите – во раните фази на болеста поголеми се шансите да се добие позитивен резултат.