Доблесен „Двојник“

Деновиве, во издание на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, излезе од печат новата поетска книга насловена “Двојник”на Жаклина Михајлова, македонска поетеса од Сиднеј, Австралија.

Книгата е поделена на три три дела: Илузија, Хармонија и Моја Македонија, каде што низ 50-тина песни. Михајлова го отсликува светот околу неа, животното искуство и љубовта во целина. Во автоскопот за книгата, таа експлицитно ќе нагласи дека “…Кристално чистите мотиви низ стиховите предизвикуваат мечта за длабока анализа на човечкото постоење. Тие се предизвик за пресврт во размислувањето , од секојдневно до суштински генетичко и историско, за себеосознавањето и за гордоста на припаѓањето на народ, на земја, на историја која обврзува на почит.”
Рецензенти за ова дело се проф. д-р Христо Петрески и м-р Марина Мијаковска, корицата ја изработи Ева Козаровска, а технички уредник е Јове Стојановски – Mactel Promotion од Сиднеј.
„Ова е мое второ поетско дело и неизмерно ѝ благодарам на Владата на Република Македонија, што има разбирање за авторите кои творат на македонски јазик низ светот. Тоа е сестрана грижа за зачувување на македонското културно богатство, во случајот, изразено преку литературата. Агенцијата за иселеништво секоја година објавува наслови на Македонци кои творат надвор од Македонија. За нас, низ светов раселените Македонци , таа помош е света и значи дека не сме заборавени, дека се уште припаѓаме на родната грутка, дека сме ѝ непроценливо богатство,” изјави поетесата Михајлова и додаде: „Посебно сум горда што „Двојник” е издадена и промовирана во Македонија токму за чествувањето на големиот наш национален празник ИЛИНДЕН, зашто длабоко сум убедена дека секој од нас Македонците, на свој начин може да допринесе за чествувањето на идеалите на Илинденците”.
Наскоро поетската книга „Двојник” ќе биде промовирана и во Австралија.

Останати вести