ИНТЕРВЈУТО НА ЗАЕВ КАЈ ЛАТАС ПОКАЖУВА ЗОШТО Е ПРОБЛЕМАТИЧНА АТМОСФЕРАТА НА МЕДИУМИТЕ:
“Добродојдовте кај непријателите”, му рече главниот уредник на Сител, Драган Павловиќ Латас на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој првпат во овие десет години беше гостин во вестите на оваа телевизија.
Разговорот потече во серија прашања кои Латас му ги поставуваше на Заев, по што лидерот на СДСМ потсети дека не е на испрашување во полиција туку дека дошол на интервју. Побара да добие простор да одговори на секое прашање едно по едно.
Заев го потсети Латас дека во „бомбите”, токму тој својата информативна програма ја нарекува „куртон вести” и рече дека Сител се однесува како политички непријател на СДСМ, наместо како медиум.
Интервјуто се одвиваше во тензична атмосфера, а соговорниците не се воздржуваа од лични квалификации.
Латас неколку пати му рече на Заев дека е обвинето лице за повеќе кривични дела и дека нема право да ги објавува неговите приватни разговори. “Не се појавувате на суд, а сега ви го нема Бранко да ве амнестира. 8 милиони американски долари од Глобал останаа кај вас. Пола Скопје ве зборува дека пола сте му дале на Б.Ц. а пола сте задржале за себе”.
А лидерот на СДСМ, му врати: „Па, и јас сега зборувам со осомничен криминалец. А кај мене не останале никакви 8 милиони. Јас сум горд со објектот на “Глобал” во Струмица. А се што поседувам стои декларирано во мојот анкетен лист”.
Во тој момент Латас побара од режијата да покажат неколку телопи според кои поширокото семејство на Заев преку тендери во последните 10 години под Груевски има “свртено” преку своите фирми 205 милиони евра (А$ 330 милиона)!
Заев: “Тоа е лага. Ниту вие самите не верувате во тоа. Знаете ли вие колку се 205 милиона евра? Доколку имало било што незаконско во работењето на фирмите на Заеви, или пак во моето работење, досега 10 пати ќе бевме осудени. Неколкупати имавме инспекции од УЈП, од Финансиска полиција и од други институции и не најдоа ништо незаконско во мето работење како градоначалник, ниту пак во работењето на фирмите на Заеви. Јас сум горд на моето семејство и ништо не кријам. Фирмите на Заеви вработуваат и даваат плати на 820 фамилии во земјава. Еве, дојдов и тука транспарентно да одговорам на сите прашања.
Во врска со “бомбите”, Заев рече дека во СЈО предал 1 милион и 50 илјади материјали од преслушувани разговори. “Записник исто така не направи ниту Зврлевски кога пред неполна година ги поднесувавме кривичните пријави”, појасни лидерот на СДСМ на прашањето зошто немало записник од примопредавањето на снимените разговори кај Катица Јанева.
Латас потоа го обвини Заев дека од јуни до ноември лани имал дури 60 телефонски разговори со Захир Бекири Чаушот, во чиј дом беа најдени фалсификувани лични карти, пасоши, податоци за 120 илјади лица и уште 70 илјади снимки од телефонски разговори. Веројатно од извори на истрагата имаше подготвено кајрони на кои беа прикажани по неколку реченици од наводни телефонски разговори што ги имал Заев со братот и со сопругата на Чаушот непосредно по апсењето. Покажа и листинг по датуми на разговорите.
Заев демантираше и изјави дека се работи за чиста лага. “Ова е чиста лага. Не знам како си го дозволувате ова.”
“Кој стои позади вас, г-дине Заев?”, продолжи Латас.
Заев кажа дека зад него стојат оние кои ја чекаат слободата во Македонија и дека во Македонија ќе се случи правда. На тоа Латас му порача на лидерот на СДСМ дека кога ќе дојде правдата во Македонија Заев ќе биде во затвор.
Латас: “Ма вас, господине Заев, Груевски ве плаќа за да бидете на власт во СДСМ. Додека сте вие на власт, ВМРО-ДПМНЕ ќе победува! …Ваков политичар како вас нема ни на Марс. Вие, г-дине Заев сте изрод, а СДСМ е партија!”
Заев:”Ало, началниче, може ли да одговорам на вашите прашања. Немојте постојано да ме прекинувате! Јас дојдов на интервју пред јавноста. Вие се однесувате како да сме на дебата, како да сте висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ.”
Латас: “Ние двајцата не сме пријатели, не ви дозволувам да ми се обраќате со началниче!”
Заев пред крајот на интервјуто премина во директен контранапад.
“Вие, г-дине Павловиќ лажете и ми монтирате огромни суми. Труете колку лажете!” Потоа Заев извади имотен лист според кој Латас е запишан како сопственик на над 454 илади м2 на Кожуф. Во посебна постапка барал тоа земјиште да му биде впишано како исплата за над 7 милона денари (околу $ 175 илјади) кои ги дал како позајмица.
Заев: “По 10 евра да е квадрат тоа се 4.54 милиони евра! Господине Павловиќ, вие сте многу побогат од мене!”
Латас: “За ова ќе ве тужам, ова не е вистина! Вие лажете како Турчин!”
Заев: “Ова е официјален извод од катастар.”
Орав и Бејли со реакција по интервјуто на Зоран Заев за Сител
Амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли преку Твитер веднаш ги искажаа своите оценки на интервјуто на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за Дневникот на Сител, кое го водеше главниот и одговорен уредник на оваа телевизија, Драган Павловиќ – Латас.
Аиво Орав со три прашалници искоментира: „Балансирано медиумско информирање???”
Џес Бејли, пак, малку подетално го изнесе својот став: „Фер и балансирано? Ве молам. Македонските медиумите можат многу подобро.”
Латас: Им се извинувам на сите Турци, тоа беше мој гаф
Веќе во следното информативно издание на Сител, одговорниот уредник Драган павловиќ Латас се извини до Турците во земјата.
– Во текот на ‘Дневникот› употребив израз дека Заев лаже како Турчин. Им се извинувам на сите Турци поединечно, како на турската нација, така и на турската држава. Напротив, сметам дека и турскиот народ и турската држава се големи пријатели на Република Македонија, особено во поново време, нивните граѓани во РM се лојални и придонесуваат за сите позитивни процеси во државава и затоа жалам и се извинувам на секој Турчин кој се почуствувал навреден и ветувам дека тоа никако не може да се повтори, бидејќи тоа не е ниту мој став, ниту мое убедување, едноставно е мој гаф, рече Латас.