Што се случува во добротворната асоцијација на македонската заедница

Изминативе неколку недели дознаваме се случуваат повеќе измени во Добротворната асоцијација на Македонската заедница (MCWA). Повеќемина се јавија во нашата канцеларија со жалби и барања за нешто да се преземе.

Атмосферата во канцелариите не е добра и скоро десет проценти од вработените се заминати, а меѓу оние што ги нема е и Дијана Стерјовска. Во изминативе 37 години и посебно во времето под раководство на извршниот директор Дијана Стерјовска, MCWA полека стана водечка добротворна организација на Македонската заедница во Австралија. Пред дваесеттина години, кога таа дојде во организацијата беше под знак прашање дали ќе опстане Добротворната асоцијација на Македонската заедница во Мелбурн. Буџетот беше сведен на минимум за едвај еден привремено вработен. Но потоа со неа на чело секоја година растеа сервисите што ги нуди организацијата и се работеше на зајакнување на Добротворната асоцијација на Македонската заедница.
Основана во далечната 1983 година од Ѓорги Коштревски, како Macedonian Cultural Community Welfare Association Western Inc, за задоволување на добротворните потреби на нашата заедница. Со повеќе од 40 вработени и голем број на волонтери тие имаат важна улога во општеството. Годишниот буџет минатата година надмина над два милиони долари, тоа се пари што државата ги инвестира за проекти за добробит на заедницата. Впрочем денес MCWA е и единствена организација во Викторија која работи со социјални услуги што се за потребите на Македонската заедница. Се сеќаваме порано имавме две други добротворни организации кои беа укинати кога започнаа внатрешните поделби и на крајот оние што ќе страдаат се ранливите и најзагрозените од нашата заедница што зависат од овие сервиси.
Сите овие превирања за жал се случуваат неколку недели пред гала-вечерата на која поранешниот Претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов за прв пат ќе ја посети Австралија.

Останати вести