Доделување награди за глума

Австралиско македонскиот театар од Сиднеј во сабота, 17 декември, со почеток во 19 часот во просториите на Hurstville Civic Theatre, MacMahon Street, Hurstville ќе ја организира традиционалната втора по ред Гала вечер при што ќе се доделат награди за глума и театарска уметност под име “Александар Македонски”.

Номинациите се објавени и жири комисија, составена од видни културни дејци, ќе го направи изборот и ќе се доделат награди во следните категории: Награда за најдобар дебитант; Награда за најдобра женска придружна улога; Награда за најдобра машка придружна улога; Награда за најдобра женска улога; Награда за најдобра машка улога; Награда по избор на публиката како и Награда за животно дело. Исто така, оваа година за прв пат ќе се додели и наградата “Александар Македонски” на лице и организација кои ја негуваат и промовираат македонската култура во Австралија.
Членовите на Театарот најавуваат вечерта да биде исполнета со богата културна програма како прикажување на кратки комични сценски изведби, а централен настан ќе биде премиерната изведба на поетската драма “Неда” од Душан Ристевски, во режија на Стефо Нанцу, а во изведба на Валентина Апостоловска и членови на Македонскиот театар во придружба на реномираниот КУД “Илинден”. Во склоп на драмскиот приказ ќе бидат вклучени и музичките артисти Горан Вељаноски, Крис Карафиловски и Ѓорѓи Стојчевски.


Исто така Теaтарот ќе направи и промоција на ДВД од овогодишните драмски продукции: “Куферот” и “Баба се мажи”.
Македонскиот театар оваа година покажа видни резултати и го зголеми својот репертоар. Се прикажа трагедијата “Куферот” и комедијата “Баба се мажи”, двете престави премиерно изведени за македонската публика. Минатата година Театарот беше награден со Повелба од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и ја доби Националната награда за уметност и култура од владата на Нов Јужен Велс.
Д.Р.

Останати вести