Во саботата се одржа куса полноќна средба на лидерите на четирите партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, на која тие се согласиле разговорите (на работните групи) да продолжат, со цел да се надминат несогласувањата околу обврските од Договорот од Пржино.
Но партиските активности на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ навестуваат дека од догвоорот веројатно нема да има ништо доколку во последен миг не притиснат странците.
Непосредно пред оваа лидерска средба кај Никоа Груевски биле петмина дипломати: евроамбасадорот Аиво Орав, амбасадорите на Италија, Германија и Холандија, како и заменик-амбасадорот на САД. Тоа се сметаше како последна “опомена” до премиерот од гаранторите на Договорот од Пржино.
По средбата, во име на петорката амбасадорот на Италија, Масимо Белели, кратко изјави дека целта на средбата била да му ја пренесат на премиерот пораката од ЕУ.
„Разговаравме со Груевски. Немаме специјална изјава туку само ја пренесовме пораката од ЕУ и солуциите”, изјави Белели.
ЕУ веќе има определeно санкции кои се “на готовс”!?
Во дел од проопозициските медиуми во Македонија се појавија информации (кои беа негирани во провладините медиуми) дека ЕУ веќе има донесено одлука да воведе санкции кон 102 лица и 5 субјекти од РМ. Се работи за замрзнување на нивни имоти и сметки во странство, плус забрана за патување “поради одговорност за активности со кои се поткопуваат или се загрозуваат човечките права и дигнитетот на граѓаните на Македонија, исто и територијалниот интегритет, сувереноста и стабилноста на земјата”. Освен тоа, се замрзнуваат сите редовни средби на претставници на Македонија со официјалните лица на ЕУ поради прекршувањето на Договорот од Пржино.
При последното доаѓање во Скопје, минатата недела, еврокомесарот Јоханес Хан предупредил дека ако не се постигне согласност за точките од Договорот деновиве и ако не се врати агендата со рокови, преговорите ќе бидат прогласени за пропаднати а Македонија ќе ја загуби препораката за преговори за членство во ЕУ.
Во меѓувреме единствено што беше постигнато е тоа што посредникот во четирипартитните договори, Питер Ван Хауте, продолжи со билатерални средби со секоја партија посебно. Ван Хауте изјави дека е делумен оптимист и оти очекува најдоцна оваа недела да се надминат несогласувањата.
Преговорите, инаку, запнаа прво поради неизборот на половина од тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева, што потоа се излеа во отворена кавга за овластувањата на идните заменици-министри, за законите за „бомбите” и за заштита на свиркачите.