Триесетина дискови доказен материјал за професорите од Eкономски факултет

Сите осуммина се сомничат за сторена злоупотреба, но наводно само трои лица ќе одговараат за примање поткуп, објави “Утрински весник” повикувајќи се на свои неофицијални извори.

Два дена Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на осуммина осомничени за злоупотреба на службена положба и за примање поткуп им ги презентирало доказите кои биле обезбедени со примена на таканаречените посебни истражни мерки, објави скопски “Утрински”. Јавноста веќе подзаборави на оваа афера која се случи истиот ден кога претседателот Ѓорге Иванов го објави повлекувањето на аболицијата за преостанатите 34 лица.
Според неофицијални сознанија, Јавното обвинителство на шестемина професори, на демонстраторот и на сопственикот на факултетското бифе им ги презентирало снимките и друг вид материјални докази кои биле обезбедени во еден подолг временски период. Наводно се работи за снимен материјал на 30-ина компакт дискови.
Сите осуммина се сомничат за сторена злоупотреба, но наводно,само тројца ќе одговараат за примање поткуп, вели “Утрински”.
Скандалот кој се поврзува со професори на Економскиот факултет во јавноста беше обелоденет минатиот месец кога министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, соопшти дека осомничените биле предмет на опсервација од почетокот на 2015 година, па се до шести минатиот месец. Министерот Чавков рече дека професорите од студентите барале помеѓу 500 и илјада евра за да дадат преодна оценка и тоа за предметите: основи на економија и на сметководство, математика за економисти, статистика за бизнис и економија, економика на претпријатија и менаџмент на мали бизниси.
Од МВР соопштија дека полицијата извршила 13 претреси, односно дека биле претресени домовите на седуммина од осомничените, четири кабинети, просторијата за Студентски прашања и факултетското бифе. Во возило на еден од осомничените, полицијата пронашла 1.000 евра, но МВР не потврди дали парите се предмет на поткуп или се сопственост на лицето чиешто возило било претресувано. Во професорските кабинети биле пронајдени студентски индекси и пријави за испити.

Останати вести