– Мојата заложба беше и останува подадена рака во име на просперитетот на сите граѓани и на нашата земја, мојата заложба беше и останува политичките решенија за нашата иднина да ги прифаќаме како добри или лоши, рече премиерот, Зоран Заев, на дебатата во Собранието за утврдување на нацрт-амандманите.
Тој побара конструктивна расправа во Собранието и парламентот да се претвори, како што рече, во арена за натпревар на идеи.
– Предложените амандмани се во согласност со определбите на Македонија. Идентитетот на македонскиот народ е заштитен. Нема да има промени во идентитетот. Се внесува обврска за негова заштита. Останува грижата за сите Македонци што живеат надвор од државата – рече Заев.
Процесот на уставни измени, додаде тој, треба да заврши со одлука за измена на Уставот со двотретинско мнозинство гласови.
– Во одлуката ќе пишува дека овие амандмани се составен дел на Уставот и влегува во сила со денот на влегување во сила на конечната спогодба. Тоа значи дека измените ќе важат откако Грција ќе ги спроведе своите обврски, да ја ратификува конечната спогодба и протоколот за нашето членство во НАТО. Ова е дополнителна заштита за нас. Доколку Грција не ги исполни своите обврски нема да важат овие измени. Оваа и идната година се клучни за историјата на нашата држава. Решивме спор кој беше политичка и економска штета од 1991 година до сега – им порача премиерот Заев на пратениците.