Филипче: Доколку нема резултати, следен чекор е полициски час

Изминативе денови бројот на заразени од ковид-19 секојдневно расте, а ако граѓаните не ги почитуваат мерките ќе се преполнат болничките капацитети и ќе се доведат во прашање ресурсите за лекување на болните, порачаа здравствените власти.

– Исцрпени се сите мерки против ковид-19 кои здравствените власти планираа да ги спроведат за да се соочат со новиот бран. Доколку овие мерки не го дадат посакуваниот резултат, следен чекор е полицискиот час – најави министерот за здравство Венко Филипче.
Комисијата за заразни болести препорача рестораните, кафеаните, сендвичарниците, кладилниците и останатите економски субјекти да не работат од 23 часот навечер до 5 часот изутрина. Забрана за одржување на секакви настани и ограничување на капацитетот на патници во јавниот превоз.
Но, и овие мерки и мерките од првиот пакет треба да поминат во Собрание. Владата претходно не ги прифати предлозите на Комисијата за заразни болести за носење заштитна маска и на отворено и за забрана за групирање по домови (најмногу до 4 гости), со образложение дека за тоа треба да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.
Комисијата бара од граѓаните да бидат дисциплинирани и да ги почитуваат мерките, во спротивно може да дојде до преполнување на болничките капацитети и бројки од 1.000 позитивни дневно. Иако имаат уште многу неисцрпени мерки кои им стојат на располагање, од Комисијата велат дека не можат да измислат епидемиолози и инфектолози кои треба да работат со болните.
– Ако самите не си помогнеме на себе, не може да ни помогнат уште 500 доктори, 500 сестри, 20 болници, изјави др. Жарко Караџовски, претседател на Комисија за заразни болести. Потенцира дека главна цел е да ги спречат групирањата на младите кои изминатиот период за да бидат видени, оделе по журки и концерти непочитувајќи ги мерките за заштита. Но реагира и за неодговорноста на многумина кои, и покрај забраната, правеле свадби со финти.
Здравствените власти велат дека есенскиот бран подрани и следниот период ќе биде тешко бидејќи амбулантите, покрај короната ќе ги полни и сезонскиот грип. Болничките капацитети се речиси исполнети а веќе ќе почне и системот со ротација на кадар од другите установи.
Модуларната болница е целосно подготвена, но таму се уште нема пациенти. На помош на епидемиолозите во Институтот и центарот за јавно здравје во Скопје пуштени се и студентите по медицина од 6 година, кои треба да им помогнат во изгхотвување на анкетните прашалници и следењето на контактите на заразените.

Останати вести