Комеморација за д-р Анастас Коцарев

Во неделата на 28 март 2021 во француската престолнина Париз, претставници на македонските заедници од Франција и Швајцарија и претставници на градската власт од Париз ја одбележаа 90-годишнината од смртта на македонскиот научник и општественик д-р Анастас Коцарев и положија венец на неговото вечно почивалиште.

Со посебно одобрување и почитување на мерките за претпазливост и растојание, со пригодни говори од македонска и француска страна беа одбележани девет децении од смртта на овој истакнат македонски научник и 131 година од неговото раѓање.
Семејството Коцареви од Македонија како и бројни почитувачи на делото на д-р Анастас Коцарев од Европа не беа во можност да дојдат во Париз и церемонијата од комеморацијата ја следеа во живо преку видео-пренос испраќајќи телеграми и пораки во заедничкото одбележување на настанот.
На комеморацијата обраќања за ликот и делото на д-р Анастас Коцарев имаа претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев и Соња Коцарева- Трпезановска (роднини на истакнатиот научник Анастас Коцарев) и претставници на македонските заедници од Франција и Швајцарија.
Со овој чин, конечно е решена мистеријата стара 90 години за тоа каде точно се наоѓа гробот на познатиот македонски научник Анастас Коцарев од Охрид? По девет децении оддадена му е достојна почит која ја заслужува бидејќи личности како него ретко се раѓаат, а делата со кои нè задолжи се безвременски. Вечна му слава!
Од семејствата Коцарев и Пинел, Унијата на Македонците од Франција, Македонскиот национален совет од Швајцарија, Македонска дијаспора од Лозана и македонските национални заедници од Европа

Г.Г. Дуртаноски

Анастас Коцарев е роден во Охрид, на 26. март 1890 во старо и угледно охридско семејство Коцареви. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и медицински факултет во Женева каде докторирал и останал да работи на Женевскиот универзитет како асистент, потоа како лекар и приватен доцент по онкологија на универзитетската клиника. Во 1928 година со својата вереница Сесил Пинел се населил во Париз каде ненадејно починал на 28. март 1931 година.
Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување ќе го насочи на тесна соработка со познатата нобеловка Марија Кири – Склодовска која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз.
Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак).
Покрај неговата професионална преокупација – медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна, и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија”.
Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничко Друштво на Македонците за независна Македонија, а подоцна бил основан и Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil general des Sociétés macédoniennes) на кое Коцарев бил избран за претседател. Во 1919 година, во текот на Париската мировна конференција во Париз д-р Коцарев во име на Главниот одбор поднел барање да испрати тричлена комисија која би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но нивното барање било одбиено од преговарачите на конференцијата. Главниот одбор и д-р Коцарев продолжиле да испраќаат телеграми и петиции барајќи праведно решавање на македонското прашање.

Останати вести