Митови и вистини за домашното насилство

Македонското Австралиско Добротворно Друштво од Сиднеј, во рамките на своите проекти, покрај другите програмски активности, продолжува со објавување на артикли во нашите ценети и реномирани македонски весници. На овој начин, би сакале сите членови во македонската заедница кои учествуваат во проектите, како и пошироката македонска заедница, редовно да бидат информирани на разни теми.

Во ова издание ќе зборуваме за Митовите и вистините за домашното насилство.
Под домашно насилство се подразбира ако член од семејство со примена на сила, закана или заплашување врши телесни повреди, емоционална, сексуална злоупотреба и/или материјално, сексуално или работно искористува друг член на семeјството.
Постојат повеќе невистинити верувања – митови во однос на домашното насилство. Некои од нив се користат да го оправдаат насилството а други ги обвинуваат жртвите. Митовите кои се шират во заедницата ја префрлаат одговорноста за насилството на жртвата или надворешните услови.
Еве некои од нив:

Мит: Домашното насилство се појавува само во сиромашните семејства со низок степен на образование и во семејствата од помалите заедници.
Вистина: Студиите за домашното насилство покажуваат дека насилството се појавува во сите видови на семејства, без разлика на приходите, културното потекло, религијата или нивото на образование.

Мит: Користењето на алкохол и дроги или изложеноста на стрес предизвикува домашно насилство
Вистина: Злоставувачите најчесто го користат консумирањето на алкохол и дроги или стресот/губењето на контрола како изговор за нивното насилство со цел да ја префрлат нивната одговорност на нешто друго. Алкохолот и дрогите можат само да го стимулираат домашното насилство да прерасне во експлозивен или понасилнички инцидент, а во однос на стресот треба да се посочи дека злоставувачите во домашни услови никогаш не се насилни надвор од домот или во јавност, иако и тогаш се под стрес тие го контролираат своето однесување.

Мит: Домашното насилство обично се јавува само еднаш и е изолирана појава.
Вистина: Домашното насилство станува постојан начин на принуда и контрола кој едно лице ја применува над друго лице во семејството; во повеќето (но не и сите) случаи машката особа врз женската и/или децата. Злоставувачот користи повеќе варијанти на домашно насилство, вклучувајќи заплашување, закана, одземање на финансиски средства, изолација и психолошко, физичко и сексуално злоставување, со цел да ја одржи силата и контролата над жртвите.

Мит: Домашното насилство е последица на лутина и разбеснување. Злоставувачот не може да се контролира.
Вистина: Особите кои користат насилство за да ги контролираат другите членови на семејството често се особи кои многу добро можат да се контролираат. Доколку не е така тогаш тие би се разбеснувале кон секого и во секое време, а познато е дека насилството обично се случува во приватни услови без присуство на сведоци. Злоставувачот, толку многу се контролира, така што, вообичаено, ги повредува жртвите на места кои нема да се видливи за јавноста.

Мит: Злоставуваното лице го заслужило насилството, го провоцира или е одговорно за насилството
Вистина: Никој не заслужува и не бара да биде злоставуван. Единствено злоставувачот е одговорен за насилството, иако злоставувачот ја обвинува жртвата за неговото однесување.

Мит: Домашното насилство е личен проблем што не треба да ја загрижува јавноста.
Вистина: Домашното насилство го афектира секој член на општеството.

Мит: Доколку жртвата не сака да биде злоставувана, би го напуштила злоставувачот.
Вистина: Постојат многу причини поради кои жртвата не заминува, вклучувајќи го стравот за себе, децата, дури и домашните љубимци. Исто така, едни од причините се и финансиите, сместувањето или намалената самодоверба во своите способности.Не заминувањето не значи дека некој сака да биде злоставуван.

Мит: Домашното насилство секогаш е видливо.
Вистина: Злоставувачите не е лесно да се приметат. Некои од нив се ценети членови на заедницата или во јавноста не оддаваат никакви знаци на насилна личност. Исто така насилството не секогаш е физичко, со тоа и приметливо. Многу од жртвите се жртви на психолошко/емотивно или финансиско злоставување, како и социјална изолација. Овие форми на злоставување се потешки за забележување.

Мит: Сите членови од семејството мораат да се променат, за насилството да престане.
Вистина: Само злоставувачот може да го стопира насилството. Насилното однесување и потребата да се контролираат членовите на семејството е избор на злоставувачот и само тој е одговорен за истото. Многу од жртвите на домашното насилство се обидуваат да се променат со надеж дека истото ќе прекине. Но испитувањата покажуваат дека тоа не се случува. Злоставувачот не го менуванеговото насилно однесување без разлика дали жртвата го промениле своето однесување.

Мит: Домашното насилство не афектира многу луѓе.
Вистина: Многу е тешко да се дојде до точни податоци на особите вовлечени во домашното насилство, затоа што истото има скриена природа и е стигматизирано во заедницата. Домашното насилство е најчест вид на напад во Австралија. Проблемот што произлегуваат од домашното насилство обично се прикриваат со некои од здравствените проблеми кои ги имаат жртвите. Исто така жртвите на домашното насилство се во поголем ризик за бездомност или некои други форми на социјална обесправеност.

Нема оправдување за било каков вид на домашно насилство.

Лихнида Бахчанџиева – Тасеска
Project Officer – MACIHAP (Macedonian Age Care Improvements and Healthy Aging Program)

Останати вести