Македонското литературно друштво “Кочо Рацин” со години наназад активно работи на промоција на македонските литературни дела преку одржување на саеми на книги, поетски читања, фестивали, конкурси, промоции на книги од локални но и автори од Македонија.
Низ нивните редови се преточени бескрајно искрени мисли за љубовта кон татковината, почит кон историското минато, борците за слобода, современи теми како и поезија наменета за најмладите. Организираните настани обично одат под мотото Сакај ја книгата, негувај го јазикот за да ја промовираат убавината на македонскиот пишан збор во книгите кои се извор на знаење и носат светлина во човековата душа. Со векови наназад македонскиот народ се бореше да си го сочува својот јазик во услови на ропства и окупации, затоа што го сметаше за силно оружје против поробувачите и негаторите. Скришно печатеа и книги а многу од нив и во туѓина.
Јазикот е основно средство за комуникација, културно богатство и симбол на нацијата.
За да не се прекине тој континуитет, МЛД “Кочо Рацин” како и многу други литературни друштва овде и во светот, пишуваат, творат и ги поттикнуваат читателите да ја сакаат книгата и да го негуваат јазикот.
Оваа Сабота (17.3.2018) членовите на МЛД “Кочо Рацин” организираа акција за донирање на книги во едно од викториските училишта за јазици – Keilor Downs Secondary College каде се изучува македонскиот јазик од прво одделение до 12 – та година.
Беа подарени 52 книги со поезија за деца (лесно прифатлива и на познати теми), поезија и раскази за возрасни, легенди, романи и гатанки. Дел од книгите беа и од самите автори Љубица Поповска и Гордана Димовска. Книгите беа предадени од Љубица, Гордана и Вера на библиотекарот Фабиан кој изрази голема благодарност за донацијата.

