Минатата сабота, на 3-ти јуни, во просториите на Гранд Рокси во Брајтон Ле Сандс се одржа донаторска вечер наменета за набавка на медицински апарати за Универзитетската Клиника за Детски Болести во Скопје.
Организатори на акцијата беа Тања и Тони Момировски, докажани хуманитарци кои во 2014 година донираа $46,650 на Вестмид Детската Болница во Сиднеј.
На присутните 200 гости им се обратија господата Креиг Кели, член на парламентот за Хјуз и Дејвид Колеман, член на парламентот за Бенкс, кои беа специјални гости на вечерта.
Водител на програмата и аукционер беше Ендру Морелло од Yellow Brick Road, кој со шарм ја водеше програмата, а исто така ја направи и аукцијата да биде повеќе од успешна. Предметите за богатата лотарија и аукција беа донирани од многубројните спонзори. Главната награда беше ваучер за патување во вредност од $2,000 подарен од Мајкл и Џина Брага од Брага Травел, Фрејт и ИМТ Сервисес.
За музичкиот дел беа задолжени момчињата од Група Без Име, прекрасни личности кои како и многу пати до сега ги подарија своите услуги за добротворни цели. Исто така ѕвезда на вечерта беше младата талентирана танчерка Иден Петровски од популарното шоу “So You Think You Can Dance”. Убавата вечер ја овековечија со прекрасни фотографии и видео снимка Сашо Колонџоски и Тони Маринчевски.
Акцијата успешно заврши со целокупен приход од $36,660 и веќе се прават преговори со македонски фирми кои вршат набавка на медицински апарати. Целта е да се набават апарати за инфузија и апарат за ехотомографија кои лично ќе бидат врачени од страна на Тања и Тони за што тие специјално ќе отпатуваат во Скопје.
Валентина Апостоловска





