“ВЕСТ”: ГО БАРА ИНТЕРПОЛ, А ТОЈ СТАНА ДИРЕКТОР НА СТРУШКИ ВОДОВОД
Аќиф Ајро, новопоставениот директор на струшкото претпријатие “Проаква”, подолг период се наоѓа на листата на Интерпол и по него трагаат американските власти.
Како што е наведено во потерницата, која може да се види на официјалната веб страница на Интерпол, Ајро се бара од судските власти на САД за издржување затворска казна за напади од прв, втор и од трет степен и дела за безобѕирно загрозување на животот на луѓето. Во судскиот речник на САД, напад од прв степен значи нанесување тешки телесни повреди со смртоносно оружје или орудија, а безобѕирно загрозување значи дека тоа е направено со екстремна индиферентност кон човечкиот живот.
Покрај делата кои му се ставаат на товар на Ајро, на сајтот на Интерпол се дадени и основни генералии за лицето Аќиф Ајро (34), родено во САД, со македонско и со американско државјанство. На сајтот стои дека тој е висок 1,72 метра, со кафеава коса, костенливи очи, а во 2009 бил тежок 74,5 килограми.
На крајот од потерницата, Интерпол повикува сите што имаат информации околу лицето од потерницата да ги достават до надлежните служби.
За да се увери дали лицето од потерницата е новопоставениот директор на “Проаква”, редакцијата на скопски “Вест” по телефон контактирала со Аќиф Ајро. На прашањето дали знае дека е на листата на лица што ги бара Интерпол за сторен криминал, Ајро одговорил:
“Јас во Македонија сум чист, немам досие. Тоа што се случило во Америка е од пред 15 години. Јас тогаш бев малолетен. Учествував во детски тепачки. Сега сум семеен човек, татко на две малолетни деца и успешен менаџер. Тоа е мојата вистина,а вие како сакате пишувајте”, кусо одговорил директорот на “Проаква”-Струга, Аќиф Ајро.
Редакцијата на “Вест” се обратила и до МВР, со прашање зошто Ајро не е испорачан во Америка за издржување на затворските казни. Оттаму немало одговор.
Аќиф Ајро за директор е поставен од градоначалникот Зијадин Села. Пред него раководител на струшката подружница беше Верим Каба, кој беше сменет затоа што со неговото однесување и со неизвршување на должноста директно придонел за загадување на водата од струшкиот водовод, чија употреба надлежните ја забранија среде туристичката сезона. Односно, Каба во периодот јуни – септември годинава, во својство на директор на “Проаква”, неколкупати навремено не набавил хлор и други заштитни хемиски препарати за тековното чистење на водите од изворите кои се користат за водоснабдување на Струга и на околните населби.
(“Вест”)