ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ СО ПОРАКА ДО БУГАРИЈА: Доста ја „шутиравте“ Македонија!

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ не попушти под притисоците на Софија по неговата остра критика за бугарската блокада на интеграцијата на Македонија во Европската унија.

– Се навикнаа да ја третираат Македонија како „side kick”, како некој што го шутираш и ако имаш некаков внатрешно-политички проблем кој не можеш да го решиш, тогаш секогаш можеш да удриш по Македонија. Тоа не е во ред, јасно порача Милановиќ, притоа не попуштајќи на притисоците од Софија.
Веднаш по ова бугарските власти ја повикаа хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац на разговор во бугарското МНР. Ја прашале зошто така направил хрватскиот претседател “кога Загреб и Софија имаат прекрасни односи”.
Милановиќ на самитот на “Процесот Брдо-Бриони” упати низа на критрики кон контроверзната политика на Бугарија која отворено се меша во внатрешните работи на Македонија и упорно се обидува да ги измени историските факти.
– Тоа не е во ред. Таа држава, а и тој народ, досега платија доста висока цена. Тие играат по правилата и се за пример. Ги исполнија сите демократски услови што човек може да ги замисли, а тоа е повеќенационална заедница во која има многу Албанци и таа соработка е за пример, рече Милановиќ во одговор на новинарско прашање.
Потсети дека Македонија, меѓудругото, го промени името на барање на Грција.
– Конечно ги примија во друштвото на мртвите поети и сега доаѓа оној услов кој навистина е влегување во интимниот простор. Ова што сега е официјална политика на една земја-членка на ЕУ ѝ го прави на Северна Македонија јас го нарекувам „влегување во туѓо”, односно влегување во интимниот простор. Да се бара од една земја кандидат, која е во преговори за членство, во учебниците по историја својата национална генеза да ја дефинира, онака како што тоа го бара соседна држава. Тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави. И, на тоа, отворено ќе се спротивставам. Тоа не се прави во 21. век. Тоа апсолутно не е основа за утрешниот соживот во Европската Унија, рече Милановиќ, додавајќи дека земјата е жртва на недостиг на интерес и основна емпатија.
Тој нагласи дека само го кажува тоа што го мислат сите и ги повика и останатите државници да се осмелат да го кажат тоа јавно.
Хрватскиот претседател направи и паралела со притисоците на Словенија за време на процесот на пристапување на Хрватска во ЕУ. Тој оцени дека условите на Љубљана биле „рационални, можеби и меркантилни. Тоа е дозволено, но Словенија никогаш не нè потопуваше со намера да нè удави”, рече Милановиќ. А се работеше за територијален спор, и во Пиранскиот Залив и на копното.

Останати вести