Достоен труд што пополнува историска празнина

Извадоци од рецензијата за докторската дисертација „Македонско-австралиски народен сојуз” од Ицо Најдовски, пријавена на институтот за национална историја во Скопје

 

Темата за македонската емиграција отсекогаш го привлекувала вниманието како на македонската историска наука, исто така предизвикувала интерес и на новинарите и публицистите. Како резултат на научниот интерес одржани се неколку научни собири на кои е презентиран историјатот на македонската емиграција во прекуокеанските земји и западна Европа. Меѓутоа, насловената тема во македонската историографија како посебен монографски труд не е научно обработувана. Досега постојат само парцијални научни трудови кои се осврнуваат на активноста на македонската емиграција во Австралија. Поголемиот дел од трудовите се однесуваат на организирањето на црковниот живот, додека за политичката активност на македонската емиграција во Австралија од нејзините први почетоци, досега, не постои опстоен труд. Сигурно дека тоа, пред сè, се должи на немањето можности од систематски истражувања на активноста на македонската емиграција во Австралија од страна на македонските историографи. Таа празнина во македонската историографија ја пополнува Ицо Најдовски со својот докторски труд. Најдовски, како австралиски Македонец, имал можност да истражува во архивите во Австралија, а исто така да биде во контакт и со непосредните учесници кои биле активни чинители во зачетоците на политичката активност во Австралија. Како што истакнува и самиот,„истражувањето е направено со директни контакти, искази и интервјуа со современици на настаните низ неколку држави од западните до источните делови на Австралија. Со поминати доста далечни патишта низ седум и пол милиони квадратни километри од Австралија од Перт и Менџимап, Аделаид и Сиднеј, па сè до Канбера и Квинсланд. Потоа низ трагањето по архивска и информативна документација до која успеав да дојдам и можеше да ми се стави на увид и, секако, посетата на разни организации, институции, асоцијации и информативни гласила”. И самиот дел од македонската емиграција во Австралија и активен учесник во голем број организации, м-р Ицо Најдовски со својата докторска дисертација пополнува голема празнина во македонската историографија и отвора можност за продолжување на истражувањата. Докторската дисертација композициски е поделена на: предговор, вовед, пет глави со поголем број подглави, епилог и користени извори и литература. Во предговорот, кандидатот ги дава мотивите кои биле пресудни да се определи за насловената тема. Во воведот се осврнува на историјатот на македонското иселување почнувајќи од печалбарството, па до современите емигрирања. Посебно се осврнува на емигирањето во прекуокеанските земји.

„Карактеристики на македонската емиграција во Австралија” е насловот на втората глава, во која Ицо Најдовски се осврнува на првите иселеници во Австралија кои според неговите истражувања пристигнуваат кон крајот на XIX век. По пристигнувањето, несомнено дека почнува и процесот на нивниот организиран живот. Почнуваат да се формираат и првите роднокрајни здруженија, а потоа и клубови кои станале места каде што македонските емигранти можеле да разменат мислења за политичките состојби во старата татковина и за нивното секојдневие. Како што истакнува докторандот, тоа биле „првите искри и почетоците на етничко самоорганизирање”. Исто така, м-р Најдовски се осврнува и на политичката интеракција меѓу македонските иселеници од САД-Канада и Австралија, т. е. ја прикажува верижната реакција за одредени настани од активноста на македонската емиграција која од САД се пренесува во Канада, а потоа во Австралија. Таа рефлексија го има својот прв резултат во 1936 година, кога во Австралија се формира првата организација на МПО под името „Тодор Александров”. Во трудот, докторандот се осврнува на прифатеноста на МПО меѓу македонските иселеници. Исто така, се осврнува и на формирањето на првите македонски прогресивни друштва во Австралија во 1941 година, како антипод на МПО, со цел „да ги групира и обедини сите Македонци во Австралија, без разлика од кои делови потекнуваат, за да ја помогнат антифашистичката борба во старата и во новата татковина”. Како што истакнува докторандот во третата глава, „Македонската емиграција во Австралија започнува да се организира помасовно по Втората светска војна. Контактите со македонски емигрантски кругови од различни здруженија во Америка и Канада (како што е Македонско-американскиот народен сојуз и други во Мичиген, Илиноис итн.), внесувале нови елементи во работата на македонската емиграција. На своите конгреси ги изнесувала своите идеи за зачувување на стекнатата македонска национална држава во рамките на Југославија, но и со заложбите за обединување на Македонија”. Несомнено, еден ваков интерконтинентален прекуокеански македонски мост, имал свои видувања, идеи, анализи и рефлексии на различни нивоа”. Во тој контекст докторантот се осврнува на формирањето на Македонскиот народен сојуз, неговите разграноци низ Австралија, улогата на органот на МНС, весникот „Македонска искра” и радиото во ширењето на идеите на МНС, политичката платформа на МНС, иницијативата за формирање на болница во Битола, како и културно-забавни и спортски активности на МНС. Во четвртата глава под наслов „Формирање на МАНС”, м-р Најдовски се осврнува на формирањето на Македонско-австралискиот народен сојуз и неговата улога во зацврстувањето на македонскиот национален идентитет во Австралија. Исто така прави анализа и на конференциите и одлуките донесени на конференциите на МАНС.Според м-р Најдовски, „МАНС од самото свое формирање прераснува во своевидно народно движење на Македонците во Австралија. Некои дури го нарекуваа и семакедонски парламент, кој во Австралија го застапува и го афирмира македонскиот етникум и националното достоинство, се бори за интернационализација на македонското прашање и ги помага неговите цели и идеали”.

Проф. д-рТодор Чепреганов с.р.

Останати вести