Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски соопшти дека 97.5 % од сите активни случаи се во 12 општини, односно дека проблем се всушност пет градови, каде има најголем број на умрени и морталитет со 7.4 % на 100.000 граѓани.
– Сево ова што ни се случува по 26 мај се должи на тотално непочитување на одредени мерки кои ги дадовме како КЗБ, а се однесува на тоа што не се носеа заштитни маски и тоа што луѓето се групираа по повеќе од две лица. Тоа ни се удри како бумеранг. Ова е се поради непочитување на мерките за време на верскиот празник Рамазан Бајрам и ифтарските вечери – изјави Караџовски.
Тој смета дека полицискиот час не е решение ако народот не слуша препораки:
– Маската треба да се носи и наутро и на пладне и навечер. Држењето дистанца од 2 метра треба да се практикува во секој дел од денот. Дел од народов, да се изразам и јас народски: нит се тера, нит се води. Ако му дадеш полициски час – зошто си му дал, ако не си му дал – зошто не си му дал!? Верувам дека 20 отсто од граѓаните не веруваат дека има вирус, но само тие што не биле на инфективна не знаат како е мачна таа атмосфера. Ве молам да ги почитуваме мерките, бидејќи само со доследно почитување на мерките можеме да испливаме од ова. Дојдовме до состојба кога цела Европа па и светот ги олабавуваа мерките, а тоа го направивме и ние, очекувајќи дека ќе се почитуваат мерките. Крајно сум разочаран од непочитување на тие мерки.
Тој нагласи дека не чувствува одговорност за скокот на новозаразени лица. Спомена дека во својата карирера од 27 години работел со 13 министри и 9 директори на Центарот за јавно здравје. Неколкупати се огради од одлуките на Владата кои беа различни од препораките на Комисијата за заразни болести.

