Микробилогот професор д-р Никола Пановски смета дека доколку бројките на новозаразени наскоро не се намалат, македонските граѓани ниту во август нема да можат да патуваат во земјите од ЕУ.
Пановски додава дека коронавирусот ќе “не мачи” со месеци понатаму. Вели дека мал број новозаразени, како што имаше кон крајот на април кога имаше по околу 20 позитивни дневно, може да се очекуваат да има дури и по една година, односно во април другата година.
– Вториов пик во бројот на заразени се должи на повеќе фактори, како што се олабавување на мерките, по што следуваат собирања во затворен простор, масовни и полумасовни, потоа се случија и некои погреби, свадбата во Нерези, мекиците во Охрид, славата во Ресен од која се создадоа нови жаришта во тој регион, изјави д-р Никола Пановски, во гостувањето на емисијата „Само вистина” на “Канал5” телевизија.
Тој дополни дека после изборите очекува казните за групирањата да бидат драконски.
– Кога ќе дојде есен се плашам од враќањето во затворен простор, потребно е што повеќе да ги проветруваме просториите и особено да внимаваме со климатизерите, да ја заборавиме функцијата за вртење на воздухот внатре, порача д-р Пановски.
– Ова ќе трае, но се надеваме дневниот биланс ќе продолжи да биде 100 заразени со 100 излечени, како што имавме деновиве. Ако ги почитуваме мерките и продолжат овие бројки како досега, мало намалување на новозаразените може да се очекуваат во месец август, вели Пановски!
Намалување на новозразени, зголемување на оздравени
Деновиве се регистрира намалување на дневниот прилив на новозаразени (во понеделникот беа 88, во вторникот ), а голем број на излекувани (и по 400 дневно).
Од почетокот на епидемијата Македонија регистрира околу 8.400 инфицирани со коронавирусот од кои скоро 400 починати.
– Трендовите се сè уште во насока на тоа дека дијагностицираме 10% новозаразени од вкупниот број на тестови направени во еден ден. А од новодијагностицираните исто така околу 10% се хоспитализираат секој ден. Капацитетите во болниците добро се менаџираат и во однос на кадарот со ротација и во однос на слободни кревети. Во ГОБ „8 Септември” повеќе денови по ред има под 100 пациенти кои се третираат. Исто така, слободни кревети има и Инфективната клиника и на другите инфективни одделенија во општите и клинички болници ширум државата. Не очекуваме некакво изнанадување во смисла на поголем наплив на пациенти кои што би биле за прием во болница. Продолжува со ист интензитет работата на епидемиолозите на терен. Интензивно тестирање согласно индикацијата, интензивно пратење на контактите и ставање во изолација, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Комисијта за борба против заразни болести има оперативен план за формирање на 16 ковид-центри низ државата во пресрет на есенските денови. Тоа се инфективните одделенија кои и досега функционираа како такви: Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп.