Во Етиопија, Тедрос Аданом Гебрејсус го реформираше здравствениот систем и многумина го оценија тоа како голем успех. Но, шефот на СЗО не е без контроверзи – а пандемијата на коронавирусот е неговиот најголем тест досега.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Габрејесус (55) е родум од Етиопија. Тој не е доктор по медицина, туку докторирал во областа на јавното здравство (претходно студирал заразни болести во Велика Британија во 1990-тите). Помеѓу 2005 и 2012 година бил министер за здравство на Етиопија, период во кој се вели дека создаден функционален здравствен систем во оваа африканска држава: бројот на медицински факултети се искачил од три на 33, бројот на лекари експоненцијално е во пораст, стапката на смртност од туберкулоза, маларија и СИДА се намалила за 90 проценти, подобрено е здравјето на мајките и на децата. Потоа од 2012 до 2016 бил министер за надворешни работи.
Контроверзата со колерата
Во периодот 2016/17 година Тедрос е обвинуван дека свесно ја прикривал колерата во Eтиопија. Додека сите околни држави известувале за колера, официјалниот став на Адис Абеба бил дека се работи за стомачен вирус односно “водена дијареја”. Клиничките сознанија со сигурност велеле дека се работи за колера.
Од оваа болест тогаш најмногу настрадале припадниците на големите етнички групи Амхарен и Оромо во Етиопија. Теодрос е припадник на народот Тигре кои, иако се само 6%, долго време владееле со државата.
Поради оваа контроверза со неговото однесување најмногу отпор за избор на Теодрос за прв човек на СЗО доаѓаше токму од неговата држава. Имаше протести под паролата: “Теодрос лажеше а луѓе умреа”.
На крајот Тедрос сепак беше избран за прв човек на Светската здравствена организација со големата поддршка која ја доби од делегатите на 55-те африкански земји-членки на ОН (како прв Африканец за шеф на СЗО).
Конфликт со САД
Сепак, критичарите го обвинуваат Тедрос дека во актуелната пандемија на коронавирусот, поради обѕири кон кинеската влада, не реагирал доволно енергично на почетокот на појавата на заразата. Со ова образложение, американскиот претседател Доналд Трамп дури и ги запре исплатите на САД за СЗО.
Неспорно е дека Тедрос во времето како етиопски функционер, посебно како министер за надворешни работи од 2012 до 2016 година остварувал блиски контакти со политичкото раководство на Народна Република Кина, а Адис Абаба до денес е близок стратешки партнер на Пекинг.
Конфликтот со американскиот претседател меѓутоа веќе подолго време го придружува шефот на СЗО, Тедрос. Во 2017 година, долго пред да започне пандемијата на коронавирусот, Трамп се закани дека ќе ги намали американските уплати за СЗО. Дури и пред да ја преземе функцијата, Тедрос изјави дека сака да ја прошири донаторската база за да се избегнат финансиски шокови: „Ако што повеќе држави придонесуваат, без разлика во колкава сума, тоа би помогнало”, рече тогаш Тедрос.