Државата сама ќе го гради Драмски театар

Државата сама ќе го гради новиот објект на Драмски театар и се откажа од првичната идеја да го гради со јавно-приватно партнерство.

Министерството за култура распиша оглас за изградба на објектот, кој треба да никне на местото на постојниот во Карпош 2. Проценето е дека за новиот театар ќе се потрошат малку повеќе од 10 милиони евра без вклучен ДДВ. Според огласот објавен на Бирото за јавни набавки, времетраењето на договорот за изградба на новиот објект на Драмски театар ќе изнесува три години. Ако се’ тече по планот, изведувачот би требало да се избере напролет.
Во постојниот урбанистички план маркичката за објектот предвидува тој да достигне максимална висина до 35 метри, а градежната парцела е со површина од 4.153 квадратни метри. Извесно е дека при изградбата ќе се уништи паркот и сегашниот угостителски дел од предната страна на објектот. Од спротивната страна, пак, има простор да се оформи надземен паркинг.
Инаку, седум години поминаа од најавите за изградба на нов Драмски театар. Во 2009 година беше промовирано избраното идејно решение по кое би се градел новиот објект. Изградбата требаше да се реализира со помош на партнер-инвеститор. Во меѓувреме се сменија плановите, од кои причини, надлежните не кажаа. Пред две години се обидоа да најдат заинтересиран инвеститор, но без успех.
Драмски театар е изграден во 1946 година, а куклената претстава „Силјан Штркот” била прва одржана претстава.

Останати вести