Филмските работници се собраа пред Министерството за култура во знак на протест за да го изразат својот револт поради кратењето на буџетот за субвенционирање на филмови во 2018 година.
Кратењето на средствата за филм, во време кога државниот буџет и буџетот за култура се зголемуваат, а Агенцијата за филм се гуши во наследени долгови, значи директен удар кон и онака кревката македонска филмска продукција, реагираат филмските професионалци во протестното писмо упатено до Министерството за култура, Министерството за финансии и до Кабинетот на претседателот на Владата.
„Аргументациите дека и со помалку пари се прават добри филмови се точни, но само како исклучок не како правило. Аргументациите дека се давале пари, а филмовите биле лоши се точни, но за едни други времиња, во кои доделувањето на средствата многу често беше политичка одлука”, вели режисерката Дина Дума.
„Ние изминативе години и сега се бориме да не постои таква пракса, но никако да се намали буџетот, затоа што во Македонија има неверојатен филмски потенцијал креативен, има нови генерации и има проекти кои чекаат да бидат реализирани. Значи никако намалување на средствата за филм туку напротив нивно правилно искористување, заострување на критериумите и поддршка на фелата”, вели режисерот Игор Иванов.
Свесни сме за долговите со кои се соочува Агенцијата за филм поради недомаќинското работење и злоупотреби во минатато и изнаоѓаме начини тие нешта да ги сервисираме, а тоа да не биде на штета на реализацијата на проекти во филмската дејност за оваа и за наредните години , рече Петрит Сарачини од ресорното министерство.
„Заложба на Владата на Р. М и на Министерството за култура е да ги помагаме и поддржиме сите квалитетни проекти. Подготвени сме доколку добиеме такви проекти да најдеме средства и преку пренамена на ставки, како и преку ребаланс на буџетот”, вели Сарачини.
Филмските работници се оптимисти дека по најавената средба со министерот за култура Роберт Алаѓозовски (закажана за вчера, понеделник) ќе дојдат до решение, имајќи предвид дека ресорното министерство се залага за развоен буџет, посебно во време кога буџетот на целата држава е зголемен и сите останати културни дејности имаат повеќе средства од лани.
Игор Иванов: Македонија има неверојатен филмски потенцијал, мора да биде поддржан.
Според режисерот Игор Иванов-Изи филмската уметност во Републиката е најзначајниот репрезент на нашата култура во светот.
„Иако има случаи што ја компромитираат македонската кинематографија, нејзиниот развој, поточно работата на професионалците не смее да биде сопрена на начин што ќе ја загубиме поддршката. Секогаш сме се бореле да создадеме критериум и да ги отстраниме нерегуларностите во филмската дејност, но не смее сега мадите и талентирани филмски работници да имаат помала поддршка во име на тоа што некој работел нерегуларно и неквалитетно”.