Има 185,000 државна администрација, без јавните претпријатија!

Европската унија подготвува масивна операција за изборите во Македонија, и за таа цел ќе вклучи не само набљудувачи и експерти, туку и пари.

Ова, како што пишува “Утрински весник”, го најавил еврокомесарот Јоханес Хан на 18 септември во Скопје, објаснувајќи дека целта е следните избори да бидат „најдобри што можат”, без какви било шанси да се одлагаат.
Поради тоа еврокомесарот Хан инсистираше да се забрзаат преговорите во работните групи и да не се чекаат дури ни роковите, пред се бидејќи одлагањето на изборите ќе значи и поместување на рокот за оставката на премиерот Никола Груевски и тие на другите министри, што Брисел не сакал никако да се случи. Тоа го објаснува и енормниот притисок точно на 15 септември да се постигне договорот на јавниот обвинител и воопшто притисокот да се оствари „во минута” политичкиот договор. Во целиот процес ќе бидат вклучени ОБСЕ, ОДИХР и Советот на Европа, со очекување драстично да се стесни просторот за изборни злоупотреби, а да се отвори простор за целосно владеење на правото во Македонија. Според она што го најавил еврокомесарот, до декември ЕУ ќе се фокусира на политичката слика во РМ, а потоа и на економската, бидејќи оценката на Брисел била дека земјата се задолжува со недозволиво брзо темпо и дека, иако процентот на долгот е мал во однос на БДП и помал и од повеќе земји-членки на ЕУ, тие до него дошле по стотици години економска активност, а Македонија во „галоп”.
Како што информираат из­во­ри од Брисел за “Утрински”, еврокомесарот Хан се ин­те­ресирал за состојбите со адми­нистрацијата. Бидејќи во државата досега не се знае точната бројка на административци, Хан ја притиснал Владата да каже колку точно државни административци “тежат” на грбот на даночните обврзници. Поради затегната криза, Груевски морал да му соопшти дека во моментов граѓаните плаќаат 185,000 административци, и тоа без јавните претпријатија, информира “Утрински”.
Хан останал занемен од тоа, како може земја од 2 милиони луѓе да има толку администрација. Тој понатаму ги побарал и бројките од 2006 година, и констатирал дека тогаш имало 65,000 административци, а сега бројката е триплирана.
Поради ваквите состојби, Хан на партиските лидери им порачал дека ЕУ нема да штеди пари и ресурси за да се увери во легалноста и легитимноста на наредните избори, но и дека веќе нема попуштање за било кој рок.
Лажни и тенденциозни се информацииите за бројот на администрациијата
МИОДА демантира:
Вкупниот број “на државни јасли” е 128,253 лица
“Целосно се неточни тврде­њата дека бројката на вработени во државната администрација изнесува 185,000. Таа е далеку од реалната, а текстот е политички тенденциозен”, демантираше со реакција Министерството за информатичко општество и државна администрација.
“Од тие причини, а во интерес на граѓаните и на вистината, уште еднаш информираме дека во јавниот сектор се вработени 128,253 лица во вкупно 1,354 институции, вклучително и во јавните претпријатија и тоа е далеку помалку од бројката со која лажно се шпекулира во јавноста. За појаснување, институциите на јавниот сектор во Република Македонија ги опфаќаат органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон, институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од единиците на локалната самоуправа”, стои во реакцијата на МИОДА.

Останати вести