Традиционално на 24 мај – денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј – во Рим престојува висока црковна и државна делегација од Република Македонија.
Вообичаено црнорисците и политичарите патуваат заедно, но годинава тоа се случи да биде одвоено (поради престојот на претседателот Ѓорге Иванов во Москва тој стаса ден подоцна во Рим). Меѓутоа, беа направени сите почести: молебен на гробот на свети Кирил во катедралата “Сан Клементе”, културни посети и државнички средби. Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов имаше аудиенција кај папата Франциск а потоа со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин беа на поклонение пред спомен-плочата на светите браќа што Македонија ја постави во катедралата “Санта Марија Маџоре” – храмот во кој папата Адријан Втори во 868 година ги благословил и озваничил светите книги на словенски јазик, што му ги принел Константин (веднаш потоа замонашен како Кирил).
– Папата Франциск пројави интерес за состојбите во нашиот регион, за состојбите со бегалците и за сето она што се случува во нашето опкружување, изразувајќи загриженост за сите прогони на христијаните за страдањата што постојат, за она што се случува денеска во светот, изјави претседателот Иванов по аудиенцијата кај папата.
Иванов му заблагодарил на папата за интересот и грижата за Македонија, што Неговата светост ја искажа во молитивите кон крајот на април.
Вообичаено, на средбата Иванов и поглаварот на Kатоличката црква си разменија и пригодни подароци. Во име на Република Македонија Иванов му подари на папата резбан крст.
– Тоа е резбан крст со орнаменти од македонското поднебје и кој е рачно изработен на автентичен начин. Исто онака како што се резбани иконостасите во македонските манастири. Папата искажал голема благодарност за овој автентичен подарок од страна на претседателот – објаснија од Kабинетот на претседателот Иванов.
Од своја страна, папата Франциско на шефот на македонската држава му подарил медал со ликот на мошне почитуван светител кај христијаните од католичкиот обред. Се работи за свети Мартин, светител од првата половина на 4 век, кој стана познат по чинот на хуманоста што ја направил кон сиромашните. Тој е роден во 316 година во Унгарија, како тогашен офицер една вечер се враќал во воениот логор во близина на градот Амиенса во Галија каде што го пресретнал еден питач. Тој питач од него побарал милостина, а офицерот, бидејќи немал пари во тој момент кај него, решил да ја отсече едната половина од својата воена наметка и му ја дал за да се загрее. Следната вечер го сонувал Исус Христос кој бил со таква наметка и кој му кажал дека со ваква наметка го покрил Мартин. Тој подоцна станал бискуп и го ширел христијанството во Франција. Медалот е симбол и порака до луѓето дека треба да бидат милосрдни, а тоа е подарок што папата често го дава на своите високи гости.