Учествувајте на државните избори во Викторија

Државните избори во Викторија се одржуваат во сабота на 29 ноември и сите австралиски државјани што се постари од 18 години и се запишани на гласачките списоци се должни да гласаат.

Австралиските државјани што неодамна навршиле 18 години, или оние што треба да ги обноват своите поединости во гласачките списоци, имаат рок до 8 часот попладне во вторник, 11-тиноември да пополнат формулар за запишување во гласачките списоци и да го испратат до Викториската изборна комисија (Victorian Electoral Commission – VEC).
Претседателот на Викториската изборна комисија, Warwick Gately AM, вели: „Важно е сите жители на Викторија да учествуваат на ноемвриските државни избори. Ги поттикнувам сите што не се запишани во гласачките списоци во најскоро време да пополнат формулар за запишување, зашто запишувањето во гласачките списоци и гласањето се задолжителни за сите државјани што ги исполнуваат условите”.
Формулари за запишување во гласачките списоци може да се добијат од секоја пошта или од канцелариите на Centrelink, или пак може да се пополнат на интернет на vec.vic.gov.au на разни јазици. Формуларите ќе се печатат на англиски јазик, а потоа треба да бидат потпишани и вратени назад до Викториската изборна комисија.
Викториската изборна комисија исто така ги поттикнува кандидатите што ги исполнуваат условите да бидат предложени да се кандидираат на изборите, било за Горниот, било за Долниот дом. Независните кандидати имаат рок од вторник, 4 ноември, до 12.00 часот на пладне во петок, 14 ноември, за да ги поднесат своите именувања во округот или во регионот за кој се кандидираат.
За повеќе информации во врска со запишувањето во гласачките списоци, гласањето или кандидирањето за изборите, гласачите можат да го посетат местото на интернет на Викториската изборна комисија на vec.vic.gov.au или да телефонираат на 131 832. Гласачите исто така може да телефонираат во преведувачката служба на 9209 0105 ако им треба помош на македонски јазик.

Останати вести