Џој Насон, денес е 71-годишна жена која живее во Сиднеј и своето време најмногу сака да го поминува со внуците. Но, нејзиниот живот всушност е морничава приказна која одлучила да ја сподели во книгата „Радост и страдање”, пренесува Daily Mail.
Имено, таа е родена во најстрогата верска секта на светот, Exclusive Brethren, што значи дека пораснала одгледана во строгите правила на оваа заедница. Меѓу останатото, како дете не смеела да гледа телевизија, да има свои играчки, да слави родендени, ниту да чита песнички за деца. Откако 25 години живеела во страв, успеала да побегне, но кошмарите од тој период ја следат и ден денес.
„Верувам дека се виновни за многу сурови работи”, раскажала во едно интервју и додала дека „ги уништиле животите во нејзиното семејство”.
„Никогаш нема да ги заборавам чекорите во кои ги напуштив, такви работи не се забораваат”.
Додека растела и’ се заканувале дека „нема да оди во рајот ако гледа телевизија, слуша радио, оди во кино или на училишни екскурзии, па дури и ако го слави својот или туѓ роденден или ако се приклучи во локалните хорови”. Цело време сонувала за слобода, но знаела дека ако замине ќе ги прекине односите со семејството.
Во оваа секта одат толку далеку, што за нас „вообичаени работи” му се припишуваат на грев поради кој ќе завршите во пеколот, па така пред 25 години не носела пантолони, затоа што тоа било „машка облека”. Дури откако се ослободила, почнала да патува, да создава пријателства и да се заљуби.
„Иако сум слободна, се чувствувам виновна што го напуштив семејството и тој товар го носев сиве овие години”, вели Џој која зад себе оставила и седум браќа и сестри. Во сектата сите безусловно го почитуваат главниот лидер, а подоцна дознала дека нејзиниот татко бил изолиран од сектата откако еднаш го критикувал.
„Верувам дека тоа го скршило мојот татко затоа што морал да се раздели од мојата мајка и дека тоа го следело следните 10 години, се’ до смртта”, раскажува Џој и додава дека дознала дека нејзината мајка починала во 1991 година, но не и’ дозволиле да појде на нејзиниот погреб. Се сеќава на бизарните состаноци во сектата и дека дури подоцна кога побегнала, сфатила дека тие извршувале кривични дела.
„Како млада личност кога растев таму, немав поим за тоа, но тие луѓе се сексуални злоставувачи”, раскажува Џој и објаснува дека таму ги уверувале дека ништо од тоа не можат да го пријават во полиција. Џој тврди дека во сектата сексуално се злоставувале деца.
„Имав многу моменти на длабока тага поради прекинатите односи со семејството откако заминав, но секогаш повторно би ја одбрала слободата. Не зажалив ни за момент”, признава Џој која денес е наставничка, мајка и баба.


