Двапати изгорените дуваат и на маштеница

Во текот на минатата недела многумина читатели ни се јавуваа револтирани дека сателитската програма на македонски јазик е исклучена и дека ќе треба во иднина да се претплатат доколку сакаат да ја следат програмата. Луѓето ни раскажуваа како по два и по три пати досега се прелажани да инсталираат опрема која ја плаќаат од 300 до 800 долари однапред и по кратко време каналите престануваат да функционираат. 

 

Во основа тоа е иста уиграна шема која се повторува и во многу случаи во прашање се и исти оператори кои ги бричат на суво сите оние што мислат дека со тоа ќе заштедат, а во реалност плаќаат за цела година однапред претплата и колку им е  среќата наклонета  гледаат од неколку денови до една година МРТ и по уште некој дополнителен канал од Македонија. Немаат никаква заштита дека во прашање се инсталатори кои не се регистрирани како компанија и тоа што е кажано од нив усно многу тешко се докажува на суд.

Се присетуваа некои од ”изгорените” за времето кога постоеше ТАРБС, кога аналогните сателитски приемници наеднаш го преплавија маркетот и скоро секој можеше на диво да инсталира по цена од 400 до 800 долари. Во ист период додека се менуваа по принцип за оние што се претплатени на ТАРБС бесплатно старите приемници тие практично ги купувале истите оние што наводно требало да се уништат или се знаело дека набргу ќе станат неупотребливи.

Пропадна ТАРБС  и опаа… наеднаш еден куп инсталатери што ја продаваа опремата за наводно ”бесплатно” гледање. Тој што се налепил на оваа нова зделка повторно се изгорел бидејќи наскоро се појави UBA, кој го смени сигналот и воведе нови карти и повторно се изгореаа истите тие што се залетаа.

Така  доаѓаме до последниот чин што го гледаме деновиве, по затворањето на програмата на македонски преку UBA,. Веќе сите погодуваме дека се  повторува  истата пpиказна. Истите инсталатери им вршат услуга и по којзнае кој пат бричат на суво. 

Затоа не е без причина старата поговорка: еднаш изгорен ќе се научи човек да дува и на маштеница.

Останати вести