Антонио Милошоски: „Ова е обид за убиство на моите родители”
Од МВР велат едната бомба е хемиска – солзавец и е пронајдена во тревникот, додека бомбата – кашикара зад вратата од подрумот.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, ја извести јавноста дека во викенд-куќата на неговиот татко во селото Ижиште била поставена бомба кашикара. Вознемирен од настанот, тој на прес-конференција рече дека ова е несомнено порака за него и неговото политичко дејствување.
– Ова го сфаќам како закана и обид за убиство на моите родители, а со тоа закана и притисок личен кон мене за моето политичко дејствување затоа што никогаш досега, откако е направена таа куќа од мојот дедо, па до ден-денес, никој и никогаш на ниеден начин ниту физички ниту вербално немал никакви проблеми ниту, пак, обиди некого да заплаши, а камоли да се обиде да убие некого од моето семејство – рече Милошоски.
Тој вели дека политичките притисоци кон него почнале пред неколку недели.
– Од страна на одредени институции како СЈО, за што од еден пратеник од Собранието од една друга политичка партија бев предвремено предупреден дека ќе следуваат заради моето политичко дејствување и говор во врска со постапките на г. Заев и неговите штетни политики кон Република Македонија. Нема да ме изненади и во следниот период ако вакви притисоци од одредени институции или надвор од институциите, кои би можеле да загрозат нечиј живот или безбедност, продолжат, но се надевам дека надлежните органи навреме ќе интервенираат и ќе успеат да најдат доволно докази и ваквите сторители и нивните нарачатели или инспиратори да бидат изведени пред лицето на правдата – рече Антонио Милошоски.
Пратеникот се огради од натамошни процени за да не и наштети на истрагата, но порача дека неговото политичко дејствување нема да престане и покрај ваквите обиди.
– Да се најдат сторителите и нарачателите за ова да не му се повтори на никого во Република Македонија, обид за убиство на родители на активен политичар, затоа што ако се случи еднаш и помине неказнето, ќе има и други жртви и други закани и ќе има поголеми штети за целата држава – порача Милошоски.
Во извештајот на МВР се вели:
,,На 13.05.2017 година околу 18,00 часот во атар на с.Ижиште-Македонски Брод, Милош Милошоски (66) од Кичево, додека косел во дворот од сопствената куќа, оштетил метален предмет кој претходно не го забележал. Од ударот предметот почнал да дими формирајќи бел чад, од што истиот почувствувал солзење во пределот на очите, носот и болка во градите. По случката, М.М. се упатил во една од подрумските простории на куќата каде на влезната врата пронашол експлозивна направа поставена на внатрешната страна од влезната врата.
Од извршениот разговор со М.М. истиот појаснил дека последен пат во куќата бил на крајот од минатиот месец и тогаш немало ништо во куќата. Увид на местото на настанот извршиле ЈО, увидна екипа од ПС-Македонски Брод и екипа од Одделот за антитерористичка заштита, при што е подигнат предметен материјал и даден за вештачење.
Се работи на целосно расчистување на случајот.”
ОД СДСМ ГО ОСУДИЈА ИНЦИДЕНТОТ И ПОБАРАА ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ВО НАЈКУС РОК ДА ГО РАСВЕТЛИ СЛУЧАЈОТ, А ИЗВРШИТЕЛИТЕ ДА ГИ ДОБИЈАТ СООДВЕТНИТЕ КАЗНИ.