Постојните мерки за заштита на околината не донесоа подобрување па властите се одлучија на драматичен чекор – Индонезија ќе добие нов главен град.
Индонезискиот претседател Џоко Видодо објави дека новата престолнина ќе биде на Калимантан, индонезискиот дел на Борнео, иако точната локација не е одредена.
Преместувањето на административното и политичко јадро на земјата ќе ја зачува националната управа, но ќе биде и смртна пресуда за Џакарта, град од 10 милиони жители.
„Малку фалеше да се удавам во 2007 година. Сè што имав однесе поплава и морав да почнувам од почеток”, вели Расди, сопственик на киоск со брза храна во близина на северното пристаниште, едно од местата каде што градот најбрзо тоне.
Состојбата на Џакарта, изградена на трусно подрачје во близина на спој на 13 реки, дополнително е влошена од неконтролираниот развој, лошото урбано планирање и сообраќајниот хаос.
Џакарта нема водоводен систем во северниот дел па локалната индустрија и милиони жители ги искористуваат нејзините подземни базени, пропусните слоеви на тлото кои содржат вода.
Неконтролираното искористување на подземните води доведе до спуштање на тлото па Џакарта во некои делови тоне до 25 сантиметри годишно.
Денес некои квартови лежат четири метри под нивото на морето, што милиони луѓе ги прави ранливи на природни катастрофи.
Поплавите се вообичаена појава за време на монсунската сезона, а се очекува со глобалното загревање и растот на нивото на морето ситуацијата да се влоши.
Иако нов главен град ќе биде изграден на друго место, власти очајно смислуваат мерки како да го спасат градот.
Одобрена е изградба на вештачки острови во заливот покрај Џакарта кои би требало да го чуваат градот како тампон зона од Јаванското Море.
Се планира и изградба на нов крајбрежен ѕид, иако досегашните бариери не дадоа резултат. Ѕидови веќе се изградени околу најзагрозените квартови, но напукнале, пропуштаат вода и ги поплавуваат тесните улици и куќи во најсиромашните делови.
Иако Џакарта е жртва и на својот претеран развој бидејќи новите облакодери и големи згради го притискаат тлото што го зголемува проблемот, најголемиот виновник е прекумерното искористување на подземните води. А градот во моментов нема друг начин да ја исполни побарувачката за вода бидејќи нема сеопфатна водоводна мрежа.
Џакарта не е единствениот град во светот кој тоне. Во ризичната зона се и градови како Венеција, Шангај, Њу Орлеанс и Банкок, но Џакарта засега прави премалку за да ја реши ситуацијата, а жителите на најзагрозените делови од градот немаат начин да побегнат.