Полемика за споменикот на Џејмс Кук во Сиднеј

Споменикот на британскиот истражувач и морепловец, капетанот Џејмс Кук, во Сиднеј, предизвика полемика во Австралија и ја подели јавноста, 138 години по неговото поставување.

Споменикот е подигнат во 1879 година, како знак на благодарност за човекот за кој се верува дека ја открил Австралија. На основата на споменикот е поставена и плоча на која пишува -„ Ја откри оваа територија во 1770 година”.
Целата расправа во која се вклучени публицисти, историчари, новинари, но и политичари, се покрена по расправијата во САД околу спомениците на Конфедерацијата (на Југот) од времето на тамошната Граѓанска војна, во средината на 19 век, сите означени како симболи на времето на ропството.
Критичарите на споменикот на Кук, во Хајд парк во Сиднеј, тврдат дека поставената плоча ги „навредува и ги омаловажува” австралиските домородци и дека е историски неточна.
Дел од нив бараат таа да се тргне и да се постави нова, со нов текст, додека порадикалните бараат да се урне спменикот на капетанот Кук.
Според нивното мислење, Австралија не ја открил британскиот морепловец, бидејќи таа веќе била откриена и постоела и пред него и пред населувањето на територијата со бели колонисти од Европа, бидејќи на неа живееле луге, домородци – Абориџини.
Уредникот на програмата за домородци на ТВ компанијата Еј-Би-Си, Стен Грант, бара да се промени плочата на споменикот.
– Според постоечкиот натпис, излегува дека ние Абориџините воопшто не сме постоеле пред 1770 година, кога се вели дека оваа територија тогаш била прв пат откриена, вели Грант, кој не мисли дека треба да се урива овој и другите вакви споменици.
Австралискиот историчар, Кит Виндскатл, меѓутоа, има друго објаснување и тврди дека натписот на споменикот е „единствено историски точен”.
Тој тврди дека зборот „територија” не се однесува на целиот континент, па затоа е и употребен, туку на територијата на австралискиот источен брег, во должина од 3.200 километри, која во 1770 година била откриена и за прв пат помината и истражувана од Џејмс Кук.
Австралиските политичари, посебно министрите во владата се повлекоа од расправата, а градоначалникот на Сиднеј соопшти дека одлуката за споменикот ќе се донесе по завршување на дебатата и по консултации со австралиските староседелци.

Останати вести