Министерката за здравство на Викторија, Џени Микакос, е првата жртва на тоа што се дозволи коронавирусот да избега од карантинот.
Микакос во саботата поднесе неотповиклива оставка од кабинетот и од парламентот, само еден ден откако премиерот Даниел Ендрус сведочеше пред истражната комисија за грешките во организирањето на карантин во хотелите од каде што започна вториот бран на ковид-19 во Мелбурн.
Викторија поради овие пропусти е во состојба на затвор во изминативе месеци, и починаа 750 луѓе. Сега прашање е само на време кога јавното мислење ќе стигне до точка на вриење од крајната неодговорност на целата Влада што ја предводи Даниел Ендрус. Тој се уште бесрамно се прави неупатен, дека не знае кој наредил да има приватно обезбедување, иако сите знаци водат кон неговата канцеларија.
Премиерот Ендрус има претходно искуство со здравството бидејќи тој порано бил министер во овој ресор, а неспособноста при контрола на заразата, полицискиот час и многу други контроверзни потези исто така укажуваат на директна инволвираност од неговиот кабинет.
Анкетата на Институтот за јавни работи, спроведена над 1.000 жители во Викторија, откри дека тие бараат Даниел Ендрус и неговата влада да ja прифатат одговорност за дебаклот со карантинот во хотелите.
Исто така мнозинството Викторијанци смета дека владата многу лошо се справи со пандемијата.
Повеќе од половина, или 54% од испитаниците изјавиле дека сите одговорни за програмата треба да си поднесат оставка.
Опозиционата Либерална партија побара брзо олеснување на ограничувањата и сите деца да се вратат на училиште, а полицискиот час во Мелбурн веднаш да се укине.
Лидерот на опозицијата, Мајкл О’Брајан, во неделата претстави алтернативен план за враќање на животот во нормала.
– Жителите на Викторија очајно бараат надеж и план за враќање на нашите животи, но се што добиваме од Даниел Ендрус се изговори за одржување на ограничувањата, рече тој.