„Скопскиот џез-фестивал” годинава ја продолжува традицијата од изминатите години со тоа што повторно донесува големи, познати но и авангардни имиња од светската џез-сцена. На 35. издание на „Скопскиот џез-фестивал” ќе има вкупно 10 концерти, кои ќе се одржуваат во Македонскиот народен театар, во МКЦ и во „Сити хол” и ќе трае од 13 до 16 октомври.
– Секој септември традиционално се одржува европската џез-конференција, каде што годинава „Скопскиот џез-фестивал” повторно беше пофален, односно беше заклучено дека со години има најдобра програма и најдобар плакат и каталог. Иако тој е признат како еден од најдобрите во Европа, сепак тој не ја добива потребната поддршка од државата. Пред некој ден Министерството за култура излезе со соопштение дека го подржале „Скопскиот џез-фестивал” со 75.000 евра, но само за споредба белградскиот добива поддршка од државата околу 230.000 евра, сарајевскиот 270.000 а љубљанскиот 200.00. Но и покрај тоа ние не отстапивме од програмата која ја зацртавме и повторно го сочувавме реномето на фестивалот, донесувајќи врвни имиња од светската и европската џез-сцена – рече на брифингот со новинарите творецот и директорот на фестивалот, Оливер Белопета.
„Скопскиот џез-фестивал” ќе се отвори со настапот на францускиот пијанист со балканско потекло, кој се потпишува како Бојан З, а по него следува и концертот на триото на Џулијан Лаж. На втората фестивалска вечер ќе настапи гитаристичкиот виртуоз Винишиус Кантуариакој овој пат доаѓа со нов проект во кој изведува песни од големиот Антонио Карлос Жобим. По него ќе настапи триото на полскиот пијанист Марцин Василевски. Третата вечер е резервирана за американскиот состав „Мејд то брејк”, предводен од Кен Вандермарк, по што следува и скандинавското трио „Тинк”, кое практично е основниот бенд на саксофонистот Матс Густафсон. За крај, на 16 октомври, на програмата се концертите на трубачот Питер Еванс со својот нов проект, како и на Томас де Пуркери исто така со еден необичен и интригантен состав.
Во полноќната програма в сабота ќе настапи ѕвездата Џош Стоун, додека, пак, в недела во „Сити хол” ќе се претстави Гоце Стевковски со својот септет, кој ќе настапи заедно со Емин Џијан.