Џифони Македонија станува најголем филмски фестивал за млади во регионот

Филмскиот фестивал за млади “Џифони Македонија”, кој годинава од 18 до 23 октомври ќе го има свое петто јубилејно издание, станува регионален центар и втор настан на глобално ниво по “Џифони Италија”.

Ова го соопшти министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска која оствари работна средба со Клаудио Губитози, уметнички директор на филмскиот фестивал “Џифони искуство” и Карло Ромео, амбасадор на Република Италија во Република Македонија.
“Како резултат на досегашната исклучително успешна реализација на фестивалот “Џифони Македонија”, Губитози одлучи тој да прерасне во централен настан во регионот после “Џифони Италија”, место каде што ќе се интегрираат младите од Балканот и пошироко. Со тоа на годинешното издание покрај младите од 10-18 годишна возраст, фестивалската програма ќе се прошири и за најмладите од 6-10 годишна возраст. Исто така ќе се зголеми и меѓународното учество со млади од 15 до 20 земји, со што ‘Џифони Македонија’ ќе стане најголем фестивал за млади во регионов”, истакна на средбата министерката Канческа – Милевска.
Фестивалот “Џифони” со својата ре;иси 50-годишна традиција е своевиден бренд на Република Италија поради квалитетната селекција на филмови и гости, но и поради социјалниот и едукативниот карактер и значењето на фестивалот. Секоја година над 50 земји испраќаат свои делегации на овој фестивал. Со поддршката од Италијанската амбасада, во последните 15-тина години, континуирано се испраќаа учесници од Македонија на овој реномиран фестивал.

Останати вести