Џина Хаспел станува првата жена-директорка на ЦИА, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја именуваше а Сенатот го потврди нејзиниот избор на чело на Агенцијата.
Со ова заврши жолчната борба за нејзината номинација, водена поради нејзините врски со техниката симулација на давење и други брутални техники на испитување, кои ЦИА ги користела во минатото.
Изборот на Хаспел за директорка на ЦИА е одобрен и покрај критиките на опозицијата поради нејзината поврзаност со груби методи за испитување на ЦИА, кои вклучуваат вотербординг, која се смета за тортура, во годините по терористичките напади на САД на 11-ти септември. Самата Џина Хаспел одби да одговори со да или не на прашањето на сенаторката Харис дали техниките за мачење ги смета за „неморални”.
Поголемиот дел од републиканците гласаа во корист на Џина Хаспел, а дури 6 демократи им се придружија во гласањето. Крајниот резултат беше 54-45 во корист на Хаспел. Лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Мекконел, го опиша изборот на Доналд Трамп да ја постави Џина Хаспел за директор на ЦИА како „избор на вистинската жена во вистинско време”. Пред гласањето тој изјави дека Хаспел го заслужувала директорското место со нејзиниот интергритет, искреност и напорна работа, а тој посочи и дека таа навистина ја заслужила довербата не само од Сенатот, туку и од цела нација.
Нејзините поддржувачи ја посочија нејзината 33-годишна кариера во Агенцијата како пресудна препорака за директорското место.
Џина Хаспел доби голема поддршка од поранешни членови на ЦИА, дипломати и воени лица кои ја следеле нејзината работа со години. Помеѓу оние кои ја поддржуваа нејзината номинација се најдоа 6 поранешни директори на ЦИА. Таа веќе ја врешеше должноста на привремен директор на ЦИА.