Џиновски петел и лисица во центарот на Скопје

Хилик: Уметноста треба да се дарува секому!
Светски познатиот уметник–муралист Векс Ван Хилик (Veks Van Hillik) деновиве изработи мурал на зградата над Билната аптека, во центарот на Скопје.

Градот Скопје го поддржа проектот на Младинскиот културен центар (МКЦ) за изработка на повеќе мурали на фасадите на зградите во централното и поширокото градско подрачје. Минатата година два мурала ја украсија фасадата на МКЦ, едниот изработен од групата ЗЕРО (ZERO), а другиот од 40-тина прогресивни уметници од Македонија. До крајот на оваа, 2017 година, ќе бидат изработени уште десетина мурали од повеќе прогресивни уметници од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка.

Векс Ван Хилик е роден во 1988 година, во југозападна Франција. Под влијание на неговите постари браќа, тој почнува да слика уште од најрана возраст и почетна инспирација наоѓа во природата околу него, во флората и фауната. Хилик подоцна развива сопствен стил: сонувачки, надреален, истовремено вметнувајќи други најразлични влијанија. Сликари како Гистав Доре, Енгр, Караваџо, Дали или Бретон му се постојана инспирација од минатите векови, но, неговото дело е под влијание и на поп-културата, видео-игрите, стрипот, уличната уметност и тетоважите.

Од 2010 година, кога ја остварува својата прва изложба во Тулуз (каде што денес живее и твори), учествувал во голем број изложби ширум Франција. Неговите дела се познати и во странство, со поставките во галеријата МондоПоп (MondoPop) во Рим во 2012 година и во Салерно, во галеријата ГрислТату (Gristle Tattoo) во Бруклин, Њујорк и во Мелбурн, Австралија во 2013 година.

За својот престој во Скопје Ван Хилик вели:

“Со мојата сопруга и уметница Ен поминавме неколку преубави дена во Скопје, во Македонија. Пријатно сме изненадени од гостопримството на луѓето од Младински културен центар, кој е носител на овој проект за разубавување на градот, но и од сите оние обични граѓани со кои за тоа време имавме можност да комуницираме, да размениме искуства. Ова беше едно од оние искуства што долго ќе ги споменуваме.”

Во натамошниот тек од разговорот со него, Хилик забележува дека за него била огромна чест да биде прв од серијата творци од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка, кои ќе имаат можност да претстават дел од сопственото творештво на еден ваков начин и да се обидат, разубавувајќи го урбаниот простор, да изѕидаат едни поинакви мостови на соработка и пријателство.

„Сакав да раскажам една приказна во која ќе спротивствам два различни лика, два различни карактера… нешто што би го разбрале сите луѓе. Затоа на ѕидот се претставени лисицата и петелот. Лисицата е итрицата, животното подготвено за своја корист да направи и подмолни работи, а петелот, пак, е горделивецот кој со сите свои сили ќе се бори да си го сочува родот. Да проговорам за суровоста на таквата сурова игра во која копјата ги прекрстуваат нашата мрачна страна и невиноста, нешто за што поттикнат од една книга размислувам подолго време и кое во една прилика се обидов да го сторам но се разбира на помал формат”, вели Векс.

Познавачите ќе забележат дека секоја негова слика или цртеж „изгледа како ода посветена на фантазијата, како таинствен прозорец кон неговите сништа и илузии каде секоја сцена и лик се префинета мешавина на невиност и мрачност”.

Наспроти фактографијата, уметникот говорејќи за овој чин на комуникација преку муралите истакнува дека тоа е нешто што е полезно за сите. Што го развеселува јавниот простор било каде во светот:

„Уметноста треба да му се дарува секому. Таа не секогаш им е достапна на сите. Ако трагате по нешто што би било ликовна атракција за вас ќе треба да се движите. Згора на тоа не секогаш можеби ќе имате пари да влезете во некоја позната галерија или музеј. Затоа тука е уличната уметност која што си постави за цел да им го доближи творештвото на луѓето. Притоа секој може да те праша за она што го испровоцирало, независно дали се согласува со вашето дело или не. Ете затоа јас лично милувам да ги сликам ѕидовите. На нив да ги бележам моите идеи, размисли и соништа”, смета Хидик.

Тој дополнува дека иако во Скопје бил сосема на кратко, сепак имал можност да ги види двата мурала со кои лани се закити Младински културен центар – едниот дело на групата ЗЕРО, а другиот на групата од 40-на македонски прогресивни уметници. Го поздравува таквиот чин и истакнува дека ова е убава можност на не само за уметниците од РМ туку и за оние од светот што подоцна ќе дојдат ширум да ги отворат вратите за уличната ументост. Творечки да се допрат и да разменат искуства.

Инаку, на Венс лично му е жал што ограниченото време го принудило да оствари средби само со неколкумина македонски колеги, но вели дека ќе се обиде да ги продлабочи контактите и да иницира нови соработки преку социјалните мрежи.

Конечно, по враќањето во татковината Хидик го очекуваат уште неколку вакви потфати во Тулуз и неговата околина, потем патува на југот на Франција за да им даде светлина и бои на ѕидовите во таошните гратчиња, а потем влегува во студио за да го комплетира циклусот за неговата нова самостојна класична изложба и за групните постановки со кои има намера да патува по светот. Во тие рамки, какао што вели, „би бил пресреќен кога би му се отворила можност да го претстави своето сликарство во Скопје, во Македонија, оти од тука носи само убави спомени”.

„Моето сликарство е многу поразлично од муралите. И многу поинтимно. Треба да се види. И да се разговара за она што го творам. Би сакал еден ден и вие тоа да го видите оти за творештвото не треба да постојат никакви граници и огради”, потенцира Венс ван Хидик. (РСЕ)

Останати вести