Џо Бајден е новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави. Иако пребројувањето на гласовите се уште трае во Џорџија, Аризона и Неведа, тој победи во Пенсилванија и освои 20 електорски гласови со што стигна до вкупна бројка од 273, а се очекува конечната победа да ја заокружи со над 300 електорски гласови.
Тимот на Доналд Трамп постојано тврдеше дека има измами во различни држави, без да даде никакви докази за поткрепа на овие тврдења, и навести дека Трамп нема да го признае поразот.
На овие избори беше забележан најголем одѕив уште од 1900 година. Бајден досега освои повеќе од 73 милиони гласа, најмногу што освоил кој било кандидат за претседател на САД. Трамп освои речиси 70 милиони, што е втор највисок број во историјата.
Претседателот и потпретседателката на Соединетите Држави ќе бидат инаугурирани во среда, 20 јануари 2021 година.