Австралија преку министерката за надворешни работи Џулија Бишоп им честита на премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас за постигнувањето на договор за решавање на 27-годишниот спор околу името.
Министерката Бишоп смета дека тоа е успех на двете влади и е значаен чекор за решавање на проблемот со предложеното име Република Северна Македонија.
Понатаму таа ги повикува двете држави Грција и “поранешната југословенска Република Македонија” да продолжат да работат конструктивно заедно за спроведување на договорот.
Австралија отсекогаш била силен поддржувач на постигнување решение со договор, кој нуди најдобри можности за зајакнување на безбедноста и просперитетот на регионот.
Како весник мораме да потенцираме дека досега политичарите на Австралија во моменти кога се притиснати во ќош зошто се користи навредливото описно име за Република Македонија се кријат дека тој спор треба да се реши во О.Н. и дека само ја следат препораката од оваа организација. Во случај со Косово истите политичари немаат проблем да не ја следат резолуцијата и без око да им трепне имаат спротивен став.
На референдум македонските државјани ќе имаат шанса да го кажат своето мислење, но тешко е дека ќе се оствари доволна излезеност од преку 900,000 луѓе, што е 50 проценти од запишаните гласачи. На минатиот референдум кога се гласаше за територијалната поделба на општините, не се оствари излезниот праг бидејќи едната страна агитираше со “некои прашања не заслужуваат одговор”.
Ќе ни претстојат месеци во кои во јавноста ќе треба да се соочуваат ставовите и да објаснат пред народот.