Австралискиот прајминистерот Малколм Турнбул ја именуваше министерката за надворешни работи Џули Бишоп за вршител на должност прајминистер на Австралија, која таа ќе ја извршува додека трае неговата посета на Израел.
Тоа се случува во момент кога прајминистерот се обидува да ги спречи последиците од т.н. „криза на двојно државјанство”, која би можела Владата да ја чини губење на мнозинството во Парламентот.
Турнбул ја одложи до понеделник долго планираната посета на Израел и одржа итен состанок на кабинетот, со цел да добие поддршка откако Врховниот суд на Австралија пресуди дека вицепрајминистерот Барнаби Џојс и уште четворица членови на Сенатот треба да бидат отстранети од Парламентот бидејќи имале двојно државјанство.
Турнбул изјави дека функцијата ќе остане слободна до 2 декември, кога ќе се одржи дополнителен избор за местото на Џојс во Парламентот, а Бишоп, која е член на Либералната партија на Турнбул, ќе биде вршител на должност прајминистер кога тој ќе замине во Израел.
Одлуката на Врховниот суд имала непосредни последици, бидејќи се доведува во прашање владејачкото мнозинство, кое за само едно место имаше предност во Долниот дом на Парламентот.
На Турнбул сега ќе му биде потребна поддршка од еден до три независни пратеници, за да може да опстои неговата малцинска Влада. Најмалку двајца независни пратеника ветиле поддршка, но под одредени услови.